Нова година ќе се прослави, но на скромен начин, без тоа да го чини градот 250 илјади евра, рече новата градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска. Таа на денешниот брифинг со медиумите рече дека не е проблем само цената предвидена во договорот туку и актуелната енергетска криза.
„Нема да биде тажен градот, само нема да го чини 250 илјади евра, не значи ни дека ќе нема украсување, само значи дека нема да ги чини граѓаните толку многу пари ненаменски потрошени. Извините, но не е соодветно за лампиони да се даваат толку пари, бурната реакција на скопјани е токму поради ваквите трошења. Не е само проблемот што е прогласена енергетска криза, не е само тоа што се најавуваат рестрикции за уличното осветлување, најголемиот проблем е дали воопшто ќе има струја на улиците за да има улично осветлување, ќе ставиме лампиончиња, ама нема нема да светат“,
изјави Арсовска.
Таа ги посочи како пример општествено одговорните компании кои се откажале од своите реклами за да не трошат, па додаде дека ако и фирмата „Линк медиа плус“, со која се раскинува договорот за осветлување, е општествено одговорна, нема да преземе правни лекови.
„Во однос на пенали, секој си има право на правни лекови, без разлика дали е во право или не, но општествено одговорна компанија не би одела против ова раскинување на договорот заради доброто на Скопје. Сигурна сум дека ќе најдеме решение како да си ја прославиме скромно и свечено Новата година, а тоа да не го чини градот 250 илјади евра“,
порача градоначалничката.