Ова не значи дека сме се откажале од ветувањето, туку сега нема услови тоа да се реализира, вели градоначалничката

Бесплатниот јавен превоз е ветување што го дадовме и некои активности веќе почнаа, меѓутоа никој не очекуваше толку голема енергетска криза во која цената на енергенсите, на нафтените деривати, на мазутот ќе станат превисоки. И ова што сега го обезбедува Град Скопје е многу. Ова го изјави градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во вечерашното гостување на ТВ 21.
„Ова не значи дека сме се откажале од ветувањето, туку сега нема услови тоа да се реализира“,
додаде Арсовска.
Таа рече дека се подготвуваат реформи во јавниот превоз за тој да стане поефикасен и дека на нив работат два тима.
Градоначалничката во интервјуто зборуваше и за односите со ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски и рече дека подолго време немала контакт со него и со претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски.
Таа не смета дека нивната комуникација е клучна за испорачување на проектите кои што се во интерес на граѓаните.
За актуелната тема околу спорниот тендер во ЈП „Водовод и канализација“, Арсовска рече дека Мицкоски е многу добро запознаен со сумите за тендерот во претпријатието и Европската инвестициона банка вреден над 130 милиони евра кои биле доверливи.
„Со самото тоа што некој сите овие месеци ги криел процесите кои се одвиваат таму, а јас како градоначалник не сум добила ниту една пишана информација, ниту пак Советот добил било каква информација врзана за сите овие дејствија таму, а од друга страна видовме дека тука, токму во вашата емисија, претставникот кој што беше на опозициската ВМРО-ДПМНЕ богами и како тоа добро е запознаен со сите постапки, со сите суми, со сето она што се одвивало таму. Сметам дека е сериозна индиција за тоа што се случувало таму“,
вели Арсовска.
Арсовска меѓу другото рече и дека нема ниту закрила, ниту поддршка од било која страна.
„Не им одоговарам ниту на едните ниту на другите, а тоа за мене значи дека нешто добро правам во животот и планирам така да продолжам и понатаму“,
рече Арсовска.
Арсовска, исто така, потврди дека повеќе не е почесен конзул на Унгарија во Македонија затоа што се откажала од сите позиции на кои била откако станала градоначалничка.