Арсовска апелираше до советниците да го поддржат она што тие го ветиле, а граѓаните го избрале на последните локални избори во 2021 година, и побара од советниците да не се водат од теснопартиски и лични интереси и да дејствуваат во корист на граѓаните
Со набавката на овие нови екоавтобуси, посочи таа, дополнително ќе се подобрат условите во јавниот превоз, ќе се стандардизира услугата за сите граѓани, ќе се намалат трошоците и што е најважно, ќе се намали негативниот ефект врз животната средина
Инаку, иницијативата за набавка на екоавтобуси веќе еднаш беше пред Советот на Град Скопје, но не ја доби поддршката од советниците.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, останува упорна во намерата да ги убеди советниците на Град Скопје да го одобрат нејзиниот план за набавка на нови екоавтобуси за јавниот градски превоз со субвенции од Градот.

Овој проект, како што соопшти скопската градоначалничка на денешната прес-конференција, денеска повторно ќе се најде пред градските советници на седница, од кои Арсовска побара да ги надминат теснопартиските интереси и да го поддржат предлогот, затоа што, како што истакна, тој ќе придонесе не само за подобра јавна услуга за граѓаните, туку и за намалување на аерозагадувањето.
На денешната седница Арсовска ќе побара од советниците да гласаат и за субвенционирање на оние граѓани и такси-превозници кои ќе одлучат да набават нови возила на хибриден или на електричен погон. Станува збор за, како што појасни градоначалничката, пилот-проект, а висината на субвенциите кои ќе ги предложи таа се во висина од 200 000 денари, односно 3 200 евра по возило.
„Денеска имаме седница на Советот на Град Скопје на која пред советниците ќе предложиме неколку точки за кои очекуваме дека тие ќе ја дадат својата недвосмилена поддршка и ќе се вклучат во реализацијата на програмата ‘За модерно Скопје’ којашто ја избраа 120 000 граѓани на Скопје. Пред советниците денеска ќе се најде одлука која тие треба да ја гласаат за субвенционирање при набавка на нови ековозила на хибриден или електричен погон за граѓани и за такси-превозниците. Ова е пилот-проект кој за првпат се имплементира во Македонија и за кој Градот Скопје ќе субвенционира 200 000 денари по возило. На оваа седница од советниците бараме поддршка за набавка на нови екоавтобуси кои ќе немаат емисии на загадување во воздухот и кои ќе ги заменат старите и дотраени автобуси кои во моментот не нудат задоволително ниво на услуга за граѓаните“,
рече Арсовска на прес-конференцијата.
Со набавката на овие нови екоавтобуси, посочи таа, дополнително ќе се подобрат условите во јавниот превоз, ќе се стандардизира услугата за сите граѓани, ќе се намалат трошоците и што е најважно – ќе се намали негативниот ефект врз животната средина.
Апелираше до советниците да го поддржат она што тие го ветиле, а граѓаните го избрале на последните локални избори во 2021 година, и побара од советниците да дејствуваат во корист на граѓаните.
„Најважно од сè е да видиме дека тие не се водат од теснопартиски интереси, дека не се водат од лични интереси, туку да ги поддржат овие одлуки кои значат многу за граѓаните на Скопје. Блокирањето од страна на советниците, морам да кажам дека не ме спречува мене како градоначалник. Јас ќе продолжам да работам и сето она што е ветено пред граѓаните, ќе се реализира, меѓутоа ова блокирање значи исклучиво блокирање на оние проекти кои граѓаните очекуваат во краток рок да бидат реализирани во нивен интерес. Затоа, блокадата најмногу ќе ја чувствуваат граѓаните кои поради инаетот на овие партиски лидери кои се обидуваат да ги саботираат процесите во Градот Скопје не овозможуваат граѓаните да ги остваруваат своите права што им следат како жители на главниот град и да добијат имплементација на програмата која ја избрале на овие избори“,
рече Арсовска на прес-конференцијата пред денешната седница на Советот на Град Скопје.
Во тој контекст, одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека многу би било лицемерно доколку не ја поддржат одлуката, бидејќи во прашање е нивниот образ пред граѓаните.
„Само на тој начин ќе знаеме дека имаме одговорни луѓе – политичари кои она што ќе го кажат пред граѓаните, истото и ќе го испорачаат. А сега во овој момент сметам дека ова е навистина важна работа не само затоа што ние овозможуваме јавна услуга кон граѓаните која треба да биде поквалитетна во делот на јавниот превоз туку и затоа што е еден многу важен сегмент во делот на животната средина. Ќе дојдат повторно зимските месеци и повторно ќе се чудиме зошто сме на врвот на табелите по загаденост, а кога ќе дојде ред да се преземат конкретни мерки и активности за сето тоа да се елиминира, гледате дека политиката е на средина и не се носат тие одлуки“,
рече скопската градоначалничка.
Инаку, иницијативата за набавка на екоавтобуси веќе еднаш беше пред Советот на Град Скопје, но не ја доби поддршката од советниците.
На 26 јануари годинава, барањето на Арсовска за обезбедување кредит од 10 милиони евра за набавка на еколошки автобуси доби 13 гласа „за“, еден „против“ и 16 гласа „воздржано“.
Воздржано гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, со што не се обезбеди мнозинство за предлогот да биде одобрен од Советот на Град Скопје.
Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш обвинија дека не се работи за проект за набавка на екоавтобуси, туку, како што велат, ново слепо задолжување од 10 милиони евра за кое нема објаснување како ќе бидат потрошени парите.
Советничката група на СДСМ, пак, кажа дека тие не се против набавка на нови автобуси, но дека е недозволиво како советници да немаат никакви информации колку автобуси ќе се набават и на колку години е кредитното задолжување.
Градоначалничката Арсовска во изјава на 10 март годинава најави дека нема да се откаже од проектот и дека точката за набавка на еколошки автобуси ќе биде на дневен ред на секоја седница на Советот сè додека самите советници не ја изгласаат.
Скопската градоначалничка вети набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен автобуски превоз за скопјани во предизборната кампања на локалните избори што се одржаа во 2021 година, а на кои беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.