Назначувањето на Јовановски доаѓа неколку часа откако Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје ја повика градоначалничката да именува нов директор бидејќи, како што наведоа оттаму, исклучиво таа ги има ингеренциите и надлежностите за разрешување и назначување директори на јавните претпријатија
Александар Јовановски од Секторот за инспекторат на Градот Скопје е нов директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, соопштија попладнево од Градот.

Назначувањето на нов директор на „Комунална хигиена“ доаѓа откако на досегашниот Сабахудин Рустеми му беше одреден притвор и си поднесено оставка поради состојбата со сметот во главниот град.
Ова ги отвори прашања кој ќе управува со јавното комунално претпријатие во ваква, условно кажано, кризна ситуација, за што деновиве меѓусебни обвинувања си упатија скопската градоначалничка Данела Арсовска и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Назначувањето на Јовановски доаѓа неколку часа откако Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје ја повика градоначалничката да именува нов директор бидејќи, како што наведоа оттаму, исклучиво таа ги има ингеренциите и надлежностите за разрешување и назначување директори на јавните претпријатија.
Во однос на биографијата и досегашното искуство на новиот директор на „Комунална хигиена“,од Градот Скопје наведуваат дека Јовановски на новата функција доаѓа од позицијата инспектор во Секторот за инспекторат на Град Скопје, а претходно работел и во Секторот за локален економски развој.
Јовановски, како што додаваат оттаму, има и повеќегодишно искуство во приватниот сектор во делот трговија, како раководител на организациска единица.
Работно бил ангажиран и во Здружението за заштита и унапредување на животната средина, каде работел на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти.
Јовановски, како што наведуваат од Град Скопје, завршил студии по менаџмент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а има и меѓународен сертификат за Институционални пристапи за заштита на животната средина.
„Со своето образование, професионално искуство и ангажман во јавниот и приватниот сектор, Јовановски ќе придонесе во КХС Скопје за унапредување на стандардите на јавното претпријатие, модернизација на системите за управување со отпад и одржување на чиста, здрава и еколошки одговорна животна средина во градот Скопје“,
се наведува во соопштението од Град Скопје.

Вчера, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го повика премиерот Христијан Мицкоски да му наложи на Управниот одбор на комуналното претпријатие да назначи нов в.д. директор откако досегашниот поднесе оставка.
Од Владата или од владејачката партија немаше реакција на повикот на Арсовска, но таа денеска стигна од Управниот одбор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Оттаму до Арсовска испратија одговор во кој посочуваат дека согласно Законот за јавни претпријатија исклучиво таа ги има ингеренциите и надлежностите за разрешување и назначување директори на јавните претпријатија.
Покрај ова, во документот испратен до скопската градоначалничка од Управниот одбор посочија при крај се резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, а набавката, како што велат, не може да се оствари без потпис на в.д. директор.
Досегашниот в.д. директор на скопското комунално претпријатие, Сабахудин Рустеми, поднесе оставка од морални причини откако му беше одреден 30-дневен притвор поради состојбите со сметот во главниот град.
