Веќе седум години со својот ангажман сум претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и со години не сум активна во ниту една фирма, вели Арсовска по обвинувањата на СДСМ дека нејзина фирма имала долг за неплатени сметки за струја
Независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, ги негира обвинувањата од СДСМ дека наводно нејзина фирма должела околу 50 илјади евра за струја.
„Згрозена сум од конструкциите што ги пласира СДСМ. Не само што информациите изнесени на прес конференцијата не се точни, туку безобразна политичка конструкција. Поради тоа ќе поднесам тужба за клевета до Дарко Каевски од СДСМ кој ги изнесе овие невистини. Јас не сум политичар, зад мене не стои политичка партија да ме брани, затоа ќе се бранам по институционален пат. Доколку би имала каква било дамка лично и професионално немаше да се впуштам во битката за градоначалник спроти политичари кои освен црна кампања не можат да сработат ништо друго и очекувам дека ќе напаѓаат“,
реагира Арсовска.
Таа тврди дека нема ниту фирма на нејзино име ниту пак долг за неплатена сметка за струја.
„Веќе седум години со својот ангажман сум претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и со години не сум активна во ниту една фирма. Повеќе од очигледен е стравот на СДСМ и Петре Шилегов дека нивното време во град Скопје завршува и дека сите злоупотреби на градот ќе бидат отворени и предмет на ревизија“,
вели Арсовска.
Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ претходно денеска објави документи кои, како што се тврди, покажуваат дека фирма на Арсовска должи 54 илјади евра за струја. Според него, фирмите „Империал – Данела“ ДООЕЛ Скопје и „Империал“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, во кои Арсовска била управител и сопственик, со години под закуп ја имале спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода. Во прилог на ова тврдење, Каевски презентираше и договор за закуп, по што посочи дека фирмите не плаќале струја.
„Фирмата на Данела направила долг од 3,3 милиони денари или 54 илјади евра. Данела ниту е чесна, ниту е независна. Кандидатката на Груевски е иста како него. Ова почитувани граѓани е класичен пример за неодговорно, расипничко и недомаќинско работење. Неодговорен и нечесен однос кон имотот на граѓаните, кои се реални сопственици на салата. Ако Арсовска вака лошо управува со една сала, јасно е дека нема да може да управува со цел град. Ако не плаќала струја, не почитувала Договор, направила милионски долгови, јасно е дека исто ќе се однесува и со парите на граѓаните“,
оцени Каевски.