Скопската градоначалничка го обвини премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ дека лично го наредил ваквиот хаос и му порача да го повика Управниот одбор на „Комунална хигиена“ за да именува нов в.д. директор на претпријатието
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го повика премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да каже на кој начин ќе функционира Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ во наредните денови откако в.д. директорот Сабахудин Рустеми доби 30-дневен притвор поради состојбите со сметот во главниот град.

Таа го обвини Мицкоски дека лично го наредил ваквиот хаос и му порача да го повика Управниот одбор на „Комунална хигиена“ за да именува нов в.д. директор на претпријатието.
„Го повикуваме премиерот Мицкоски, кој има своја претседателка на Управен одбор од ВМРО која воедно е и осуден криминалец за 2 кривични дела во 2006 и 2022 година, да го повика Управниот одбор на ‘Комунална хигиена’ согласно член 24а став 2 од Законот за јавни претпријатија во случај да донесе одлука за разрешување на директорот и согласно став 3 од истиот член да именува вршител на должност на претпријатието“,
порача Арсовска.
Градоначалничката обвини дека Мицкоски ги злоупотребува институциите и го тероризира Скопје преку, како што рече, своето режимско и диктаторско владеење преку Управниот одбор на „Комунална хигиена“.
Во фејсбук-објавата, Арсовска начнува и други еколошки проблеми покрај оние во Градот Скопје, како состојбата со енормната загаденост на Вардар во Тетовско, прашувајќи дали Мицкоски дал наредба за апсење на директорот на тетовското комунално претпријатие, како што тоа го сторил со директорот на „Комунална хигиена“ Скопје.
„Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие ‘Тетово’ за екохаваријата што ја предизвика со отпадот во Вардар и зошто не? Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие ‘Гази Баба’ за екохаваријата што ја предизвика во Јурумлери со отпадот кој го фрла среде природа со општински камиони и зошто не? Дали е приведен директорот на JП ‘Чистота и зеленило’ Куманово за екохаваријата што ја предизвикува со отпадот низ Куманово и зошто не? Или таму режимскиот диктатор Мицкоски не дал наредба да се апси?“,
пишува Арсовска на Фејсбук.
Претходно вчера, адвокатот на в.д. директорот на „Комунална хигиена“ објави дека Сабахудин Рустеми поднел оставка од прв човек на јавното комунално претпријатие поради морални причини. Потегот уследи откако ОЈО Скопје побара, а Судот му определи 30-дневен притвор поради состојбите во главниот град и сомнение за сторено кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад.
