Меѓу проектите што ги ветува таа е чистење на сите диви депонии во Скопје, промена на линискиот ред на градскиот сообраќај, намалување на цената за паркинг до 25 отсто, враќање на одбројувачите и зелени бранови на семафорите, воведување 24-часовна канцеларија во служба на граѓаните…

На последниот ден од изборната кампања пред првиот круг од локалните избори, независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, порача дека ќе спроведе 15 проекти во првите 82 дена од нејзиниот мандат.
„Преку програмата за модерно Скопје со сите 15+1 проекти и мојот 82 акциски план ќе ги исчистиме дивите депонии во градот. Ќе го промениме линискиот ред на градскиот сообраќај каде ќе се обезбедат помали временски интервали за автобусите и продолжување на линиите до заборавените места, а редовни ноќни линии ќе бидат воведени, посебно за време на викендот. Следно е отворање на телефонска линија за барања и помош на граѓаните. Ќе се формира и Зелениот градски совет во соработка со невладиниот сектор. Водно преку иницирање предлог закон ќе биде прогласена за заштитена парк шума. За граѓаните ќе биде воведена 24 часовна канцелариска служба и служба за брза реакција на нивен повик. Одбројувачите на секундите и зелените бранови на семафорите во градот ќе бидат вратени во функција. За лицата со попреченост ќе бидат обезбедени пристапни рампи во сите градски институции“,
се дел од проектите кои ги ветува Арсовска.
Во првите 82 дена, најавува таа, во соработка со Антикорупциска ќе спроведе ветинг на директорите на јавните институции под Град Скопје и раководителите на сектори, ќе ја ревидира и адаптира процената на данок на имот, ќе формира Совет за поддршка на жени претприемачи, цените за паркинзите под надлежност на градот ќе би намали до 25 отсто, ќе направи проценка и акциски план за проекти во заборавените населби.
„Кога ги гледаме несредените улици, поплавите, дури и низ центарот на градот, нефункционалноста или на места непостоење на атмосферска канализација, стотиците диви депонии насекаде низ Скопје недостатокот на вода за пиење во делови од градот, знаеме дека време е за промени. Штом младите луѓе не се чувствуваат среќно и не ја гледаат својата перспектива овде, знаеме дека време е за промени. Кога гледате дека ви ги ветуваат истите работи за кои ја добија вашата поддршка пред четири години, а ништо не реализираа и сега повторно истите работи ги ветуваат, време за промени. И кога во борбата со загадување единствено што направија е отстранување на мерните станици, време за промени“,
истакна Арсовска.
Таа се заблагодари на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, но и на Алијанса за Албанците, Алтернатива и сите останати партии, движења и невладини организации и ги повика скопјани в недела да и ја дадат поддршката во битката за прв човек на Град Скопје.
„Ве повикувам сите вас кои сте разочарани од политика, кои никогаш не сте излегле на гласање, вие што сте изгубиле надеж, што сте гласале за власта која ве разочарала, да се обединиме, да се бориме за модерно Скопје и да ме поддржите мене во оваа битка. На чекор сме до успех за Скопје да не е повеќе политика, туку да е град со кој ќе се гордееме. Во недела вие ќе одлучите за иднината на Скопје“,
повика Арсовска.