Од Град Скопје го обвинија Мицкоски за саботажа на ЈСП, креирајќи криза со недостаток на автобуси, но и оти кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки ја поништиле редовната набавка за гориво во ЈСП, со што, како што велат од Градот, по првпат од постоењето на претпријатието е креирана криза за гориво
Реагирајќи на коментарот на Град Скопје, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на Арсовска да се сврти зад себе и да види што направила во изминатите три години додека е на чело на Градот. Таа, како што оценуваат од партијата, во неработењето за Скопје го надминала и својот претходник Петре Шилегов, за кого рекоа дека е синоним за неработење
Додека јавниот превоз во главниот град и натаму е во криза, од Град Скопје денеска преку писмено соопштение вината за состојбата во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ја лоцираа единствено кај ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Советниците од оваа партија кои се мнозинство во Советот, како што обвинија од Градот, веќе три години во континуитет не ја гласаат набавката на нови 250 екоавтобуси.

„Сите одлуки за Скопје можат да ги донесат единствено советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои се власт во Градот веќе три години. Тие континуирано по наредба на шефот Мицкоски демонстрираат сила и самоволие, вршат притисок за да се излечи суетата на човекот, на кој додека не се елиминира градоначалничката Арсовска, нема да му се смири егото, а за тоа трпат граѓаните. Угнетувачот Мицкоски со три години притисоци и закани се обидува Арсовска да си замине, што на негово разочарување нема да се случи, зашто вина за проблемите имаат само неговите слуги во Советот, од чии одлуки, за жал, зависи нормалното функционирање на градот“,
велат од Градот Скопје.
Оттаму го обвинија Мицкоски за саботажа на ЈСП, креирајќи криза со недостаток на автобуси, но и оти кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки ја поништиле редовната набавка за гориво во ЈСП, со што, како што велат од Градот, по првпат од постоењето на претпријатието е креирана криза за гориво.
„Според програмата за Скопје на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, која ја промовираа на локалните избори во 2021 година, требаше до крајот на мандатот да се испорачаат 250 автобуси. За потсетување, шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите екоавтобуси за скопјани. Со набавка секоја година по 50 автобуси, ќе се постигнеше квалитетот на превоз и услуги кои граѓаните ги заслужуваат и ќе се испорачаа до крај на мандатот 250 автобуси“,
додаваат од Градот.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска информираат дека за седницата на Советот на Град Скопје за овој месец по 25. пат е доставена предлог-одлука за набавка на нови еколошки автобуси.
Во меѓувреме, реагирајќи на коментарот на Град Скопје, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на Арсовска да се сврти зад себе и да види што направила во изминатите три години додека е на чело на Градот. Таа, како што оценуваат од партијата, во неработењето за Скопје и скопјани го надминала и својот претходник Петре Шилегов, за кого рекоа дека е синоним за неработење.

„Но, сепак, има нешто што на Арсовска и оди и во што е рекордер. За нецели три години од мандатот, како на производна лента смени 30 директори на јавни претпријатија и институции под надлежност на Град Скопје и тројца секретари на Градот, кои самата ги постави, а во моментов не се знае дали ни дали Скопје има генерален секретар. Наместо да работи за подобрување на состојбите, Арсовска три години од мандатот добиен од граѓаните се занимавала со лични и персонални прашања за раководителите на институциите избрани токму од неа. И сето ова покажува дека нејзиното работење е на граница на лудоста што ја загрозува безбедноста и животот на граѓаните“,
коментираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.