Независната кандидатката, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, во трката за градоначалник на Скопје го победи актуелниот градоначалник со 28 083 гласа разлика, покажуваат првичните резултати на Државната изборна комисија (ДИК).
На 100 отсто обработени гласови, според податоците од ДИК, Арсовска вчера освоила 118 765 гласа, додека Шилегов 90 682.
Шилегов синоќа го призна поразот и ѝ честиташе на Арсовска.
„Дозволете ми најпрво да ви честитам на изборот, да ѝ честитам на г-ѓа Арсовска. Благодарност за сите граѓани и активисти кои дадоа поддршка. Благодарност до моето семејство, за екипата со која оставивме неизбришливи траги. Булевари, мостови, улици е нешто што ќе остане засекогаш. Драго ми е што Скопје го оставивме во развој. Ние сме тука понатаму, градот да продолжи да се развива и да не дозволиме да се случуваат силувања на градот како порано“,
изјави синоќа Шилегов.
Арсовска, пак, порача дека уште првиот ден ќе почне со работа зошто ова е нова шанса Скопје да се трансформира во модерен и чист град.