„Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите, да постапите веднаш!“, му порача таа на премиерот
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на својот фејсбук-профил му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи му дека не ги знае законите и оти нема основни познавања за тоа како функционира локалната самоуправа, за да го повикува Градот да постапува по дивоградби.

„Мицкоски, надлежност за постапување против дивоградби има општинскиот градежен инспектор. Таков инспектор има општина Чаир и сите други скопски општини како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на градот Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа што нема градежен инспектор по закон“,
пишува Арсовска на Фејсбук.
Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир, додава таа, надлежност да постапува по дивоградби има и Државниот градежен инспекторат кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски.
Потоа, вели дека кога станува збор за гонење криминалци што се фатени во спроведување на кривично дело, во случајов узурпација на државно земјиште, бесправна градба и нарушување на општа безбедност, одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите да постапите веднаш!“,
вели таа/
Коментирајќи ја вчерашната обиколка на Арсовска на неколку локации во Општина Чаир, премиерот рече дека градоначалничката на Скопје има ингеренции за постапување на места каде што се градат дивоградби.
Според него, „ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика народот нема фајде“.
Арсовска вчера, вклучувајќи се со видео во живо на својот фејсбук-профил, покажа две градилишта и рече дека на терен со неа се инспекциските служби од градската управа.
Движејќи се по градилиштето, Арсовска рече дека во Општина Чаир се гради спротивно на законот и побара Министерството за внатрешни работи (МВР) да реагира.
Обвини дека од МВР, односно од надлежната полициска станица одбиваат да дојдат на терен и да извршат увид за безбедноста на градилиштето.
Таа го повика и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, да дојде и да објасни како дозволува секаде низ неговата општина да се гради на диво.