Градоначалничката повтори дека не се плаши и дека нема да се повлече, обвинувајќи го премиерот Мицкоски дека дозволил градоначалникот на Чаир и Ејуп Адеми да ѝ се закануваат, за да се повлече од откривање на криминалите
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска преку објава на својот фејсбук-профил јавно му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, повторно повикувајќи го да реагира и да постапи во врска со случајот со дивоградбите во скопски Чаир. Арсовска оцени дека ако не постапи и не почне да постапува и да апси, почнувајќи од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, тогаш е соучесник во криминалот.

„Ако не си вмешан во нивните криминали, не ги брани, биди премиер на сите граѓани и заштити нè! Ако си вмешан и продолжиш да им бидеш адвокат, само ќе докажеш дека сте соучесници, а јас не се повлекувам и покрај заканите бидејќи за сè имаме докази! Не политизирај, не филозофирај, постапувај и апси, почни од Висар Ганиу, па макар и брат да ти е! Да го направеше тоа, од мене, и покрај тоа што сме противници, ќе имаше целосна поддршка, затоа што би требало да сакаш да живееш во Македонија во која криминалци нема да можат, затоа што не се постапува, утре да се заканат на твојата сопруга, сестра, мајка“,
пишува Арсовска во објавата на Фејсбук.
Повтори дека не се плаши и дека нема да се повлече, обвинувајќи го Мицкоски дека дозволил градоначалникот на Чаир и Ејуп Адеми да ѝ се закануваат за да се повлече од откривање на криминалите.
„Ти, Мицкоски, дозволи Ганиу да те седне во скут, да го браниш наместо да го апсиш. Излезе на телевизија нарекувајќи го ‘господинот’ Ганиу, да го застапуваш и се обиде со девалвации, со лични навреди и квалификации дополнително да ги подгрееш нападите кон мене, наместо да ги спречиш. Овие што се обидуваат да се заканат и етнички дека ќе се дестабилизирала државата бидејќи им фатив криминал, впрочем, дестабилизирани се самите бидејќи сега треба парите за дивоградбите што им ги земале на луѓето да им ги враќаат“,
додава скопската градоначалничка.
Во изјава за медиумите во неделата, премиерот Христијан Мицкоски изрази жалење ако градоначалничката навистина добива закани по живот, како што тврди самата, и ја охрабри да го пријави случајот во полиција.