„Ако сакаш како маж да соочиш аргументи, ајде на дебата на ваш медиум по избор, па ќе си раскажеш таму и за долг и за вработени во Скопје и во Кисела Вода, каде што има кој да ти врати со факти наспроти твоето лажење“, вели Арсовска

Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, му одговори на својот наследник Орце Ѓорѓиевски по неговото телевизиско гостување во кое тој изнесе тврдења за огромни долгови што ги имал Градот.
Одговорот на Арсовска доаѓа откако Ѓорѓиевски синоќа во телевизиско интервју изјави дека „вкупниот долг на Градот и на јавните претпријатија ќе биде над 300 милиони евра“, што е значително повеќе од неговите првични очекувања од 200 милиони евра.
Преку објава на својот фејсбук-профил, Арсовска го обвини Ѓорѓиевски за лажење, барајќи јавно да ги објави доказите за неговите тврдења.
„Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со долг по институција, со фактури и датуми од кога им се должи за да знае народ дека лажеш. Исто и со име и презиме да ги објавиш сите 500 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш“,
напиша Арсовска.
За оние 500 лица за кои Ѓорѓиевски вели дека се отстранети од работа, за кои било утврдено дека земале плата, а не доаѓале на работа, Арсовска му возврати оти „три години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници.“
Таа во објавата упати и повик до Ѓорѓиевски за јавна дебата.
„Ако сакаш како маж да соочиш аргументи, ајде на дебата на ваш медиум по избор, па ќе си раскажеш таму и за долг и за вработени во Скопје и во Кисела Вода, каде што има кој да ти врати со факти наспроти твоето лажење“,
кажа Арсовска.
Таа исто така го предупреди да не користи соопштенија напишани од други лица или да дозволува навредување од ботови.
„Нека не ти пишува Луке соопштенија за да се пресметуваш, ниту твоите полусветови ботовски да ме навредуваат, бидејќи знае народ дека лажеш“,
додава Арсовска.
Синоќа, актуелниот градоначалник, прашан какви се првите впечатоци од кога влегол во Градот, рече дека очекувањата за финансиската состојба биле поразлични.
„Предизвикот ми е поголем од тоа што мислев пред изборите поврзан со долгот. Јас очекував некаде околу 200 милиони евра да биде долгот на градот, ама со јавните претпријатија, по нашите пресметки излегува дека е над 300 милиони евра“,
рече Ѓорѓиевски.
Според него, оваа ситуација е дополнителна мотивација да успее во намерата од Скопје да изгради град со кој сите ќе се гордеат, додавајќи дека со домаќинско работење долгот може да се реши.
Прашан за отпуштените 371 лице од јавните претпријатија во Градот, Ѓорѓиевски рече дека толку лица се отстранети само првиот ден, додека заклучно со денешниот ден, бројката изнесува околу 500 луѓе, за кои било утврдено дека земале плата, а не доаѓале на работа.
Тој говореше и за начинот на кој дошле до овој број вработени, кои, како што кажа, се однесувале девијантно и поради кои градот бил оштетен за околу 20 милиони евра само во изминатите четири години. Според Ѓорѓиевски станува збор за сума со која може да изгради нов лунапарк во главниот град, што беше и едно од неговите предизборни ветувања.
