Освен што не доаѓа на седници на Советот, освен што не одговара на прашања, сега почна да одржува и настани без да ги покани медиумите, обвини советничката Јанчева од СДСМ
Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска денеска во противпожарната станица во Автокоманда го одбележаа 20 Мај – Денот на македонските пожарникари. На настанот, соопштија од Градот, присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, градоначалници, советници, претставници на државните институции и голем број гости.
Меѓутоа, меѓу нив немаше медиуми. Од кабинетот на Арсовска соопштение и фотографии од настанот до новинарите пратија по неговото завршување.

Во тоа соопштение споделија дел од говорот што го имала градоначалничката во кој им се заблагодарила на пожарникарите за нивната пожртвуваност и истакнала дека нејзините заложби се обезбедување подобри и побезбедни услови за работата на сите пожарникари, како и континуирано вложување во човечкиот капитал.
„Противпожарната Бригада на Град Скопје е професионална служба, а пожарникарите храбри луѓе, кои честопати изложувајќи се на опасни и тешки задачи, го ставаат животот и безбедноста на граѓаните, пред сопствениот. Тоа ве прави херои на градот. Граѓаните на Скопје можат да се гордеат со противпожарната бригада“,
рекла Арсовска.
Од СДСМ, пак, реагираа дека годинава за првпат овој настан се одбележува без присуство на медиумите.

„Очигледно дека градоначалничката Данела Арсовска не сака да се соочи со новинарите, па освен што не доаѓа на седници на Совет, освен што не одговара на прашања, сега почна да одржува и настани без да ги покани медиумите. Дали овој потег на Арсовска се должи на нејзиниот страв новинарите да не постават прашање зошто шест месеци бригадата за противпожарна заштита е оставена без договор за сервисирање на противпожарните возила? Дали тие возила ќе бидат функционални и безбедни во пресрет на сезоната на пожари? Дали Арсовска се плаши од прашањето зошто два дена 100.000 граѓани од Драчево и околните места се без вода за пиење? Освен што ништо не работи, Арсовска се крие и бега од новинарите и јавноста, тоа е недозволиво за еден градоначалник на главниот град на државата“,
изјави на прес-конференција Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје.