Индиската армија најави дека ќе обезбеди итна медицинска помош за борба против епидемијата со ковид-19 откако дневниот број на новоинфицирани во Индија се искачи на повеќе од 300.000 во последната недела.
Началникот на Генералштабот на индиската армија, генерал Бипин Рават, најави дека армијата ќе обезбеди дополнителни количини на медицински кислород од своите резерви, а пензионираните воени медицински работници ќе се приклучат на здравствените установи кои се борат со епидемијата.
Во изминатите 24 часа во Индија се потврдени 323 144 нови случаи на ковид-19, а пренатрупаните болници сѐ уште не можат да примат нови пациенти поради недостиг на болнички кревети и медицински кислород. Во последното деноноќие потврдени се 2 771 смртен случај, но информациите одат во насока на тоа дека реалниот број на смртни случаи е значително поголем.
Многибројни земји, вклучувајќи ги Холандија и Велика Британија, презедоа чекори за ограничување на влезот на патници од Индија за да се спречи ширењето на нови мутации на вирусот.