Потпретседателката на владејачката ДУИ и градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за најновите случувања во односите меѓу С. Македонија и Бугарија.
„Мислам дека ние како држава сме направиле голем чекор во договорот склучен со Бугарија, кој всушност беше првиот договор по формирањето на оваа Влада и всушност почетокот на тоа патување кое денес не направи земја членка на НАТО и земја која ги започнува процесите на преговори со Европската унија. Така како што сум свесна дека оваа дебата, сега, во текот на оваа недела има една поголема емоционална и емотивна димензија отколку што како што би рекол Черчил, може да го дигестираат, да го обработат стомаците на балканските држави, особено фрагилните балкански држави. Тоа што е важно е дека секако во оваа насока да се рефлектира со рационалност. Да се рефлектира со рационалност кај нас, но да се рефлектира со рационалност и кај соседите Бугари. Ова го велам од причина што Бугарија е држава членка на Европската унија и истовремено сум многу уверена дека е држава која е многу заинтересирана нашата земја Северна Македонија да биде држава членка на Европската унија, како што стана држава членка на НАТО. Затоа сум многу уверена дека доколку ова прашање кое е едно од чувствителните прашања кои ги имаат балканските народи затоа што не е само чувствително прашање кое е во македонско-бугарска релација. Има многу вакви релации во Балканот, Балканот е преполн со вакви релации. Значи, да се гледа во светлината на Европската унија и да се гледа малку подалеку и малку пошироко, а не со тенденцијата евентуално ова да се најде како причина за проблематизирање на прашањето или натамошниот пат на нашата земја. Потезите и жртвувањата, па и договорите кои се направени во текот на овие три години кои ги поминуваме не се лесни договори, се договори со кои граѓаните на оваа земја се издигнале над себеси и ова е тоа што е вреднувано на меѓународно ниво и верувам дека ќе биде вреднувано и од страна на нашите соседи во Софија. Многу сум уверена дека историчарите, уште долго време можеби ќе дискутираат за отворени историски прашања. Но сум многу уверена дека тие прашања полесно се дискутираат кога двете страни се членки на институции со исти вредности и се водат од тие вредности, отколку доколку тие прашања евентуално би се дискутирале кога двете страни не се во тој процес. Затоа, би повикала овој концепт на Европа да биде водечката линија на овој процес и нормално времето кое научниците, уметниците, интелектуалците, историчарите го имаат за дискусија е време кое го имаат пред себе и нормално тоа не би требало да се преведе во политички ставови на земјите дека тоа всушност не им прави добро на граѓаните од овие земји кои сега веќе се влезени во една нова фаза на меѓусебни релации“,
вели Арифи.
Арифи вели дека постојат повеќе европски искуства и како пример го наведе искуството на Комисијата за историјата меѓу Германија и Полска, но нагласи дека е клучно да не излеземе од европскиот дух на дебатата.
