„Зближувањето со ДУИ во пресрет на локалните избори донесе сериозно отстапување од принципите на кои бевме посветени. Оваа политичка соработка е прекршување на нашите ветувања и претставувањето што го заслужуваат граѓаните Албанци“, напиша пратеникот Сулејмани во јавното образложение на одлуката да си поднесе оставка како пратеник и од партиските функции во Алијанса за Албанците

Пратеникот од Алијанса за Албанците (АА), Салим Сулејмани, на Фејсбук објави дека поднесува оставка од сите партиски и од функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.
Тој напиша дека се кандидирал за пратеник поради длабокото чувство на одговорност и желбата за вистинска промена во животот на граѓаните, а коалицијата ВЛЕН се создала како резултат на длабокото разочарување што Албанците го доживеале од ДУИ.
„Станав дел од ВЛЕН затоа што верував дека оваа коалиција е создадена токму како антипод на оваа скапана структура, како политичка алтернатива која има за цел да ја врати надежта, да ја врати правдата и да им даде на Албанците достојна застапеност што им недостасуваше со години. За жал, она што го видовме неодамна е целосно отстапување на Алијансата за Албанците од овој политички дух и отворено отстапување од целите поради кои се приклучивме на коалицијата ВЛЕН“,
вели Сулејмани.
Сулејмани напиша дека зближувањето со ДУИ во пресрет на локалните избори донело сериозно отстапување од принципите на кои партијата била посветена.
„Оваа политичка соработка е прекршување на нашите ветувања и претставувањето што го заслужуваат граѓаните Албанци. Оваа акција е неприфатлива за мене, бидејќи не можам да бидам дел од сојуз кој е формиран за тесни политички интереси и со луѓе споменати на меѓународни црни листи поради вмешаност во сериозни работи.
вели тој.
Поради оваа причина, следејќи ги моите принципи и имајќи ја предвид мојата одговорност кон оние што ме поддржаа, решив да поднесам оставка од сите партиски функции и од мојата позиција како пратеник, заблагодарувајќи им се со сето мое битие на сите што гласаа за мене, ме поддржаа и ми веруваа во овој период“,
Партијата на Сулејмани, Алијанса за Албанците, до скоро беше дел од коалицијата ВЛЕН, која пак е дел од владината коалиција. Но, лидерот Арбен Таравари објави дека излегува и од ВЛЕН и од Владата поднесувајќи си оставка од функцијата министер за здравство. Овој чекор Таравари го објасни посочувајќи дека ВЛЕН станала само декор во Владата и не ги застапувала доволно Албанците. Во пресрет на локалните избори најави можна соработка со опозициската ДУИ.
Но, негови сопартијци не се согласуваат со ваквиот чекор. На пример, вчера ексминистерот од редовите на АА, Азир Алиу, објави дека останува во ВЛЕН и во Владата. Тој заедно со актуелниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи, исто така кадар на АА, беа во Косово на средба со косовскиот премиер Албин Курти.
Таравари, пак, денеска објави дека е горд на чекорот за напуштање на Владата и дека и покрај тоа што некои поединци се обидуваат да ја прикажат AА како поделена, таа во моментов е посилна од кога било.
Инаку, Таравари предводи едно крило на Алијанса за Албанците. Другото е на Зијадин Села кое е дел од опозицискиот „Европски фронт“ во кој е ДУИ. Села вчера во интервју за ТВ Алсат упати повик до структурите и членовите што до вчера биле со Арбен Таравари, а не ја заборавиле каузата на Алијанса за Албанците, да се вратат и да ги туркаат процесите напред, но без Таравари. Села смета дека Таравари не треба да биде пречекан со раширени раце во „Европскиот фронт“ поради неговите, како што рече, сомнителни политички потези.
Инаку, по заминувањето на Сулејмани, на негово место треба да дојде Валбона Адили-Емини која според кандидатската листа на ВЛЕН од последните локални избори е следна по него. Таа е педијатар по професија и е кадар на Движењето БЕСА. Па така, се очекува ВЛЕН да има вкупно десет пратеници.