„Не сум тука поради лични интереси, туку да му служам со достоинство и одговорност на секој гласач кој веруваше во оваа мисија. Промената започна и ние ќе продолжиме понатаму“, вели пратеничката

Пратеничката Мимоза Муса од крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари, попладнево преку објава на својот фејсбук-профил соопшти дека ја напушта партијата.
„Пред една година, на 8 мај, ја добив довербата од над 107 илјади Албанци како пратеник на Алијансата за Албанците, на листата на коалицијата ВЛЕН. Овој мандат не е само бројка, тој е глас на народ кој е уморен од повеќе од 20 години владеење на ДУИ и кој постојано бара промени. Минуваме низ тежок политички период и со право многу поддржувачи, пријатели и соработници прашуваат: Со кого е пратеничката Мимоза Муса?“,
напиша таа на Фејсбук.
Во објавата Муса додава дека нема да ја изневери довербата од гласачите.
„Не сум тука поради лични интереси, туку да му служам со достоинство и одговорност на секој гласач кој веруваше во оваа мисија. Промената започна и ние ќе продолжиме понатаму“,
додава Муса.
Претходно, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и пратеникот Салим Сулејмани исто така соопштија дека го напуштаат Арбен Таравари.
По објавата на Муса, со коментар на Фејсбук се огласи Фетаи, кој ѝ се заблагодарува на својата сопартијка за цврстиот став.
„Во предизвикувачко политичко време, кога многумина избираат молчење или компромис, вие останавте непоколебливи во вашите убедувања, верни на ветувањето дадено на нашите 107 илјади гласачи и идеалите за промени“,
пишува Фетаи.
Според него, Муса е најдобриот пример за чесно претставување, каде што зборовите, ставовите и делата одат рака под рака.
„Вие сте инспирација за помладите генерации, кои треба да научат дека политиката не само што може да биде, туку треба да биде и искрена. Честитки за вашата чесност и храброст. На Албанците им се потребни гласови како вас!“,
додава вицепремиерот.
Алијанса за Албанците на Арбен Таравари донесе одлука да ја напушти владината коалиција и да дејствува како опозиција. Одлуката следуваше откако претседателството на Алијанса за Албанците реши на локалните избори да оди со самостојни листи за советници. Неговите доскорешни коалициски партнери од ВЛЕН го обвинија Таравари дека се приклонува кон опозициската ДУИ.
По ваквата одлука Таравари поднесе оставка од министерската функција во Здравство, а неговиот пример го следеа и заменик-министрите од ресорите земјоделство, шумарство и водостопанство, и одбрана – Фљакрон Беџети и Елфет Исмаили. Оставка си поднесе и националниот координатор за имплементација на нови технологии Блерант Рамадани.