Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Унијата, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин. Тоа се два различни идентитетски кода, два различни народа со своја специфична етногенеза. Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел еден народ, рече Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски, во своето обраќање пред пратениците во Собранието, се осврна на внатрешните состојби во државата, на политичките тензии и поделби меѓу народот поттикнати од прифаќањето на таканаречениот француски предлог кој стана европска преговарачка рамка, а испрати порака и за уставните измени. Според него, со прифаќањето на францускиот предлог, во дел од јавноста била создадена перцепција дека тоа е судбинска дилема да се биде или не за нацијата и државата и дека наводно се донела одлука која ќе ја дефинира судбината на идните генерации Македонци и македонски граѓани.
„И по пет месеци, длабоко сум убеден дека ставот кој го изнесов на 3 јули оваа година дека одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог не е ниту историски триумф, ниту историски дебакл и денес може да издржи аргументирана критика. Имено, модификуваниот француски предлог поради кој се поделивме до невидени граници предизвика многубројни контроверзии, но, сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик. Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Унијата, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин. Тоа се два различни идентитетски кодови, два различни народа со своја специфична етногенеза. Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел еден народ“,
потенцираше Пендаровски.
Притоа, рече тој, одбивам да поверувам дека политичка цел или приоритет на претседателот на Француската Република или, на пример, на германскиот канцелар им е да го обезличат македонскиот народ за како Бугари да нѐ внесат во Европа.
Практичните чекори кои потоа следуваа само потврдија дека формулацијата за македонскиот јазик во рамката беше недвосмислена, што беше јасно потврдено со потпишување на договорот со Фронтекс, додаде Пендаровски.
„Денес не е лошо да се потсетиме накусо каква е нашата грижа, поточно негрижа за македонскиот јазик, дома, во татковината, од каде што тврдам дека потенцијално ни доаѓаат поголеми опасности за неговото опстојување отколку нападите од Бугарија. Дали беше потребно да го чекаме јубилејот 100 години од раѓањето на Конески за да се соочиме со нашата негрижа за јазикот во јавниот простор, со драстично намалениот број на лекторати и македонисти во светот, со само неколкуте преостанати паралелки со македонски деца кои го изучуваат македонскиот јазик во дијаспората или очајната состојба со младиот наставен кадар кој со години не е обновен на факултетите и институтите по македонски јазик“,
рече во своето обраќање шефот на државата.
Тој од собраниската говорница порача дека насушно ни е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија.
„Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но, при тоа, на сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991 до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт?“,
посочи претседателот.
Според него, отворањето на клубовите на Бугарите во Северна Македонија, е временски темпирана и организирана активност која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија.
„Со тензиите кои ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо, кооперативен пристап кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија кои инсистираат историјата да ја доминира целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент. Фактот дека не постои никакво системско нарушување на правата на бугарското малцинство, не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови каде сакаат и колку сакаат, но, со стриктно почитување на македонските закони кои се компатибилни со европските“,
дециден беше Пендаровски.
Во однос на тоа дали постојат некакви гаранции дека уставните измени ќе бидат последно барање кон Македонија во процесот на преговори со ЕУ, Пендаровски рече дека никој не може да ни даде гаранции дека понатаму нема да бидеме блокирани, посочувајќи го примерот со блокадата на романија и Бугарија за влез во Шенген зоната. Но, нагласи Пендаровски, „во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на нашите граѓани“.
„Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони. Граѓаните чекаат – резултати!“,
порача претседателот.
Зборувајќи за процесот на меѓународно заокружување на македонскиот идентитет, рече Пендаровски, ова беше година на крупен исчекор и со конечното етаблирање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во рамките на православната екумена.
„Иако станува за збор за одлуки на верски власти, а ние живееме во секуларна држава, ноторен факт е дека туѓите пропаганди низ историјата, а, и денес, се обидуваат да ја разнишаат духовната врска на Македонците со нивната црква. Таквиот позитивен развој на настаните овозможи и за првпат по повеќе години да се поклониме во манастирот ‘Свети Отец Прохор Пчински’ на местото каде што се поставени темелите на современата македонска држава“,
рече Пендаровски.