„Крешник ниту бил причина за пожарот ниту бил на должност во моментот кога се случила трагедијата“, вели сопругата на ексминистерот за економија

Илка Каба Бектеши, сопруга на ексминистерот за економија Крешник Бектеши, кому денеска му беше определен 30-дневен притвор, вели дека тој не бил уапсен, туку сам отишол во полициска станица по добиена покана. Таа додава дека по разговорот го пуштиле да си оди дома, но откако се подготвил да излезе од станица му кажале дека му одредуваат 24-часовна мерка.
Според сопругата на Бектеши, апсењето на ексминистерот е оттргнување на вниманието од вистинските виновници.
„По три минути, додека се подготвувал за заминување, е известен дека му одредуваат 24-часовна мерка, без никакво предупредување или присуство на адвокат. Го земаат Крешник со врзани раце за медиумско шоу за да го испратат во Кочани. Едно треба да бидете сигурни, дека народот не може да биде дефокусиран од вистинските виновници, последната лиценца што Крешник ја издал е во 2021 година, објектот работи со лиценца од 2012 година“,
пишува Илка Каба Бектеши на својот фејсбук-профил.
Таа во објавата вели дека за да се добие согласност од Министерството за економија, прво е потребна од Општина Кочани, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи, Пазарниот инспекторат и на крајот од Министерството за економија.
„Му определиле мерка 48-часовен притвор за тешко дело против општата безбедност, првично без правна основа. Крешник ниту бил причина за пожарот ниту бил на должност во моментот кога се случила трагедијата. Очекувано е дека ќе се додадат уште 48 часа бидејќи треба да добијат време за да ја префрлат вината на Крешник, но ова нема да помине бидејќи вистината е со Крешник“,
пишува таа додавајќи дека синоќа адвокатот ја известил дека обвинителот побарал притвор од 30 дена за Крешник.
Во објавата таа додава дека тоа што од политичарите трагедијата се користи за политичко пазарење е надвор од секаков вид човечка норма.
„Се молам Господ да им даде сила на семејствата на жртвите да се справат со болката… сите што се лекуваат дома и во странство се во нашите молитви. Веста за возачот на Брзата помош чие срце престана да чука по таа страшна ноќ ми ја изгоре душата, се молам за момчето херој што спаси 21 живот без да размислува за себе. Тага за бендот кој го остави рефренот на полa, сите тие мајки што се молат тоа да не е реалност… колку болка“,
додава таа.
Во објавата таа додава и дека тоа што Крешник Бектеши е во 30-дневен притвор за неа е предизвик.
„Сега сè почнува за мене како сопруга, како мајка на децата на Крешник… израснавме еден до друг во секоја димензија, ова ќе биде само предизвик уште еднаш да си докажеме еден на друг дека сме го направиле вистинскиот избор. Главата горе Крешник, Хана и Трими се гордеат со тебе, знаат дека тато има бело срце, толку бело како крилјата на пеперутката на која си ѝ помогнал во градината во дворот. И силно како името Крешник со кое те крстил вујко ти во отсуство на татко ти кој беше на печалба“,
пишува сопругата на Крешник Бектеши.