Се истражуваат можни неправилности во доделувањето договори на фирми за набавки за потребите на НАТО, како и можно споделување доверливи информации од вработени во НАТО на компании од одбранбената индустрија

Белгиските судски власти соопштија дека истражуваат поранешни и сегашни вработени во НАТО и уапсиле еден осомничен поради можни неправилности во доделувањето договори за воена опрема за Алијансата, пишува Ројтерс.
Федералното јавно обвинителство соопшти дека како дел од истрагата за членство во криминална организација, корупција и перење пари, полицијата во понеделникот уапсила и испрашала двајца осомничени во Белгија. Едниот останува во притвор, додека другиот е ослободен.
Апсењата се извршени како дел од кривичните истраги во Белгија, која е проширена и во Луксембург, Шпанија и во Холандија, а е координирана од агенцијата на ЕУ за соработка во кривичната правда.
Според пишувањето на Ројтерс, се истражуваат можни неправилности во доделувањето договори на фирми за набавка на опрема како муниција и беспилотни летала за потребите на НАТО, како и можно споделување доверливи информации од вработени во Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО (НСПА) со седиште во Луксембург, на компании од одбранбената индустрија.
„Белгиските обвинители додадоа дека во истрагата би можеле да бидат вклучени неколку поранешни или сегашни вработени во Агенцијата, како и дека има индиции оти парите добиени од нелегални активности биле испрани, делумно со основање консултантски компании“,
се вели во написот.
Портпаролот на НАТО изјави дека, благодарение на истрагата иницирана од Агенцијата, органите за спроведување на законот во голем број земји уапсиле неколку лица обвинети за коруптивни активности поврзани со договорите во НАТО.
„НАТО тесно соработува со органите за спроведување на законот за да се осигури дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“,
рече портпаролот.
Вчера, холандското јавно обвинителство соопшти дека уапсило поранешен вработен во холандското Министерство за одбрана под обвинение за корупција. Осомничениот, кој бил уапсен во понеделникот на аеродромот „Шипхол“, бил одговорен за договори за меѓународна набавка.
„Човекот е осомничен дека примил мито во 2023 година за доделување договори за набавки, заедно со други лица, некои од нив надвор од Холандија. Двајца други осомничени холандски државјани, кои не биле државни службеници, исто така се уапсени како дел од истрагата“,
се додава во написот на Ројтерс.