Новина е и што доколку овие домаќинства направат заштеда на електрична енергија од 10 отсто споредено со истиот период минатата година, тогаш ќе имаат дополнително од 200 до 300 денари намалување на сметката за електрична енергија во зависност од категоријата

До крајот на овој месец домаќинствата со ниски приходи може да аплицираат за субвенционирање на сметките за струја. Јавниот повик веќе е објавен на веб-страницата на Министерството за економија, а за оваа мерка се предвидени 60 милиони денари.
Субвенцијата за оваа категорија граѓани ќе изнесува од 600 до 800 денари, зависно од приходите и бројот на членови во семејството.
„За самец со приходи до 18 000 денари денари, за домаќинство со два члена до 25 000 денари, за домаќинство со три члена до 30 000 денари, намалувањето на сметката ќе биде 600 денари. За домаќинство со четири члена со приходи до 36 000 денари и за домаќинство со пет и повеќе члена до 43 000 денари, намалувањето на сметката ќе биде 800 денари“,
рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата на која информираше за програмите и мерките на Министерството за економија кои се донесени на последната седница на Владата.
Според него, оваа мерка годинава е проширена со други социјално ранливи категории лица како што се корисници на правото на надоместок поради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување.
„Новина е и што доколку овие домаќинства направат заштеда на електрична енергија од 10 отсто споредено со истиот период минатата година, тогаш ќе имаат дополнително од 200 до 300 денари намалување на сметката за електрична енергија во зависност од категоријата“,
рече Бектеши.
Минатата година преку оваа мерка беа субвенционирани 4 379 домаќинства, а се исплатија вкупно 33 милиони денари, додека годинава се очекува да бидат поддржани над 8 500 домаќинства.
„Фокус на Министерството за економија во 2023 година ќе биде енергетиката и справувањето со енергетската криза. Согласно буџетот за оваа намена преку мерките и програмите на Министерството за економија се обезбедени вкупно 200 милиони денари односно 3,2 милиона евра, што е три пати повеќе споредено со претходната година“,
подвлече Бектеши.