Сепак и покрај ваквата одлука на жалбениот суд во Њујорк, Вајнстин ќе остане во затвор поради друга пресуда, исто така, за силување
Апелациски суд во Њујорк ја укина пресудата со која холивудскиот продуцент Харви Вајнстин пред четири години беше осуден на 23 години затвор за силување, пренесуваат светските медиуми.
Пресудата против Вајнстин, која своевремено беше прогласена за победа на движењето „Ми ту“ (#MeToo) против недолично сексуално однесување, сега е поништена, бидејќи, како што пренесува Би-би-си, некогаш славниот филмски продуцент не добил фер судење.
Според одлуката на Апелацискиот суд во Њујорк, судијата кој го водел судскиот процес против Вајнстин погрешил кога дозволил да сведочат жени чии сведоштва не биле дел од обвинението за случајот.
Во пресудата на њујоршкиот суд, како што пренесуваат медиумите, било наведено дека на Вајнстин во судскиот процес му се судело за негово минато однесување, а не само за делата за кои бил обвинет. Одлуката на Апелацискиот суд била донесена со изјаснување на судиите со четири наспрема три, по што е наложено ново судење.
Во пресудата од 2020 година, Вајнстин беше оусден на 23 години затвор под обвинение за сексулен престап во 2006 година и силување на актерка во 2013 година.
Сепак и покрај ваквата одлука на жалбениот суд во Њујорк, Вајнстин ќе остане во затвор поради друга пресуда, исто така, за силување.
Имено, во посебен судски процес за силување и сексуален напад на една од четирите жени кои го обвинија за овие дела во Лос Анџелес, тој беше прогласен за виновен во 2022 година и осуден на дополнителни 16 години затвор.
Случајот против еден од некогаш најпопуларните и најуспешните продуценти во Холивуд беше меѓу најистакнатите што произлезе од движењето „Ми ту“ кое откри сексуална злоупотреба и недолично однесување на највисоки нивоа во рамките на холивудската филмска индустрија и пошироко.
Вајнстин, шефот на студиото кое продуцираше повеќе славни филмски наслови, од кои дел беа наградени и со Оскар, како што се „Палп Фикшн“ (Pulp Fiction), „Вљубениот Шекспир“ и други, тврди дека е невин и дека секоја сексуална активност била консензуална.
Повеќе од 80 жени излегоа со обвинувања за сексуален напад и недолично однесување против Вајнстин, а меѓу нив беа и популарните актерки Ешли Џад и Ума Турман.