Првостепената пресуда беше донесена пред повеќе од една година – на 8 јуни 2022 година, но досега не се најде на јавна седница пред второстепениот суд

Апелацискиот суд Скопје ја презакажа јавната седница за предметот „Талир 2“ во кој со првостепената пресуда беше конфискуван имот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и партиското седиште во центарот на Скопје.
Седницата требаше да се одржи денеска, но бидејќи адвокатите биле зафатени, презакажана е за 29 септември годинава.
„Апелациониот суд Скопје ја информира јавноста дека јавната седница за предметот заведен под број КЖ-232/23, со работен наслов ’Талир 2‘, се одложи на барање на одбраната на обвинетите Н.Г. и К.Б., двајцата од С., а поради ангажираност на бранителите во други кривични предмети, како што беше наведено во писмениот поднесок од 26.06.2023 година. Јавната расправа е презакажана за 29.09.2023 година со почеток во 9.30 часот“,
соопштија од Апелација.
Во случајот кој ја опфаќа изградбата на централниот штаб на партијата, за злоупотреба на службената положба и овластувања обвинети беа поранешниот партиски лидер и премиер Никола Груевски и ексгенералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски.
Првостепената пресуда беше донесена пред повеќе од една година – на 8 јуни 2022 година, но досега не се најде на јавна седница пред второстепениот суд.
Со неа Груевски беше осуден на шест години затвор, а Божиновски на условна казна од две години која нема да се изврши ако во рок од пет години не стори ново кривично дело.
Основниот кривичен суд Скопје со првостепената пресуда одлучи и да се конфискуваат партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ и прибавената имотна корист односно повеќе канцеларии и штабови на партијата низ земјава.