Државен проблем од безбедносен аспект. Ова, сублимирано, беше оценката на тогашниот премиер Зоран Заев кога на почетокот на минатата година, скопскиот граѓански суд ја впиша Исламската селафистичка заедница во регистарот на верски заедници. Неодамна регистрацијата на оваа верска заедница ја потврдил и Апелацискиот суд во Скопје, со што селефиската заедница нема формални пречки да работи во земјава. „360 степени“ ги контактираше инволвираните страни во случајот што предизвикува вознемиреност, пред се, меѓу граѓаните од исламска вероисповед. Погледнете го видеото
Минатата пролет еден настан вознемири многу духови меѓу муслиманите во Северна Македонија. Одлуката на граѓанскиот суд од Скопје да ја впише Исламската селафистичка заедница Дар Ел Хадис во регистарот на верски заедници наиде на осуда од Исламската верска заедница и од многу верници.
„За радикални – 99 насто. Тие се прават по верници од нас ама џабе.“
„Не верувам дека треба. Мислам дека Македонија е толкава што е потребна само една исламска заедница.“
„Тие се еден изум што никој не го прифаќа. Не знам како државата не се спротивставува на тоа“,
велеа муслиманските верници.
„Овој чин е срамен и е многу штетен за единството на муслиманите во Северна Македонија и е обид за паралелизам на уставната институција Исламска верска заедница.“
изјавил Евзал Синани – шеф на кабинет на поглаварот на ИВЗ.
На гласовите против регистрацијата на Дар Ел Хадис се приклучи дури и тогашниот премиер, Зоран Заев.
„Информиран сум од Министерот за правда дека одреден наш суд има направено регистрација на ваква заедница којашто од безбедносен аспект за државата е проблем.“
кажа тогашниот премиер Заев.
ИВЗ најавуваа тужби. Премиерот, пак, искажа уверување дека надлежните служби, без да прецизира на која или кои мисли, ќе влезеле во „решавање“ на такви прашања.
„360 степени“ провери – што се случува една година подоцна?
Простории во скопски Чаир, во една од кулите крај улицата Џон Кенеди, веќе неколку месеци се седиштето и место за молитва за исламската селефиска заедница Дар Ел Хадис.
Заедницата за која лани ИВЗ најавуваше тужби а премиерот „решение“, денеска работи нормално.
„Немаше потреба затоа што се беше според правилата и законите, ние не се спротивставивме на ниту едно прашање, ниту навредивме некого, ниту некому му се мешавме во неговиот опсег, туку го остваривме нашето право да го организираме верскиот живо,т како што кажав претходно, врз основа на нашите верувања кои се засноваат на книгата на Алах во Куранот и суннетот на пророкот.“
рече Џемал Јакупи.
Причината што Дар Ел Хадис функционира непречено е што ИВЗ неодамна го загуби судскиот спор против нив и пред Апелацискиот суд.
Сублимирано, Основниот суд во Куманово, а потоа и Апелацискиот суд во Скопје пресудиле дека откако Дар Ел Хадис биле впишани во регистарот на верски заедници, ИВЗ немала право да се жали затоа што не биле странки во постапката.
Апелацискиот суд дури се повикува на судската пракса – кога во сличен случај во 2016 година одлучиле исто.
„360 степени“ побара став од ИВЗ за пресудата, но и за образложението на судовите. Во писмен одговор ни рекоа дека судот се фокусирал само на формалната страна на случајот и дека ќе бараат ново судење.
„Тоа е затоа што сметаме дека регистрацијата на овие верски заедници се вируси на разединување и во религиозна и во национална смисла и нивната регистрација се врши на иницијатива на различни кругови кои сакаат да го поделат муслиманското и албанското население на оваа поднебје. По одлуката на Апелациониот суд, ИВЗ ќе бара да се повтори предметот уште еднаш од почеток затоа што со регистрацијата на овој таканаречен БИС е прекршен Уставот на Република Северна Македонија и Законот за регистрација на Исламски заедници и религиозни групи“,
велат од ИВЗ.
Додека ИВЗ засега губи пред судовите, против Дар Ел Хадис била отворена постапка и во обвинителството. Џемал Јакупи вели дека не знае кој ја поднел пријавата, но обвинителството во еден момент им барало дополнителни информации за регистрацијата.
„Дури и ова во однос на судството, сме имале еден вид тужба во Обвинителството, за која нам не ни е појаснето од кого е и за кои прашања, само ни побараа информации и ние ја испративме бараната информација и само бевме известени дека тужбата е одбиена како во Основно јавно обвинителство и потоа и на Вишо обвинителство. Тоа што бара законот за регистрација на верските заедници – како е регистрирана, кога се одржа конститутивната седницата, кои се членовите, такви формалности“,
вели Јакупи.
Неофицијално, селефиската заедница се соочува со проблеми и на други места – на пример банките ги одбивале за отворање сметки. Исламската верска заедница и многу муслимани и понатаму гледаат на Дар Ел Хадис како на радикална група.
Главното државно тело кое се занимава со верските заедници е Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. Директорот Даријан Сотировски вели дека тие немаат законска можност да се мешаат во регистрацијата на заедниците, а и според законот не може да се забрани регистрација на заедница затоа што некој ја доживува како радикална.
„Знаете, меѓународните конвенции, домашното законодавство и Уставот гарантираат на секој поединец сам, индивидуално или во група да практикува своја вера и свое убедување. Радикалните идеологии не се забранети ниту со Устав ниту со закон ниту со меѓународни конвенции и права… Но, проблемите доаѓаат низ тој превез на заштита на човековите права и слободи. И затоа проблемот е многу посуптилен, многу покомплициран“,
вели Сотировски.
Доколку постои опасност од верски радикализам, вели Сотировски, тоа е прашање со кое треба да се занимаваат институциите од областа на безбедноста. На Комисијата, вели, е да гради односи со верските заедници и да ги консултира за прашања од тесен интерес – како на пример за најавените законски измени за верските заедници.
„Еден од предлозите кој ќе го имаме за подобрување на законската регулација е токму тоа – комисијата да биде консултирана од страна на регистрациониот орган, тоа е Основниот граѓански суд во Скопје, со цел да добие стручно мислење дали е во согласност со законската регулација одредената регистрација или не, како мислење што судот треба да го добие како експертиза, како стручен наод во процесот на регистрација“,
вели Сотировски.
„360 степени“ се обрати и до владината прес-служба. Прашавме дали и актуелниот премиер на државата, Димитар Ковачевски, смета дека Дар Ел Хадис е безбедносен проблем и што се презема на тој план. Ниту по една недела чекање не добивме одговори од Илинденска број 2.
На Џон Кенеди, пак, го повторуваат она што го велеа и лани. Дека имаат одредени гледишта што се разликуваат од останатите муслимани, но и дека не прават ништо поради што треба да бидат тајни и скришни, туку дека сакаат да постојат легитимно и транспарентно.