Од Апелацискиот суд во Скопје велат дека веќе се постапува во однос на поднесената жалба за бизнисменот, но информација за донесена одлука се уште нема
Апелација одлучува во однос на жалбата поднесена од страна на адвокатскиот тим на бизнисменот Јордан Камчев, кој е во притвор за случајот „Плацови на Водно“.
Неговиот адвокат, Еленко Миланов, вели дека им било соопштено оти одлуката по поднесената жалба треба да се донесе по Нова година.
„Знаеме дека одлуката треба да се носи по Нова година. Требаше да се одлучува вчера, но состанокот беше одложен. Кога и како ќе одлучи Апелација, навистина, не знам и не би сакал да шпекулирам“,
вели Миланов за „360 степени“.
Од Апелација, пак, велат дека веќе се постапува по однос на поднесената жалба, но информација за донесена одлука се уште нема.
„Предметот за Јордан Камчев по жалба е во Апелација. Кривичниот совет и денеска постапува и си работи по предмети, но дали има одлука и каква е одлуката, не знаеме“,
велат од Апелација за „360 степени“.
Од Апелацискиот суд потенцираат дека одлуката би можела да биде соопштена и во текот на денот, што значи дека ако судиите ја прифатат жалбата, Камчев би можел уште вечерва да биде на слобода.
Камчев беше приведен на 14 март и потоа со решение на судија на претходна постапка однесен во притвор. Одбраната на осомничениот Камчев тврдеше дека сомневањата се неосновани од причина што на нивниот клиент претходно му биле одземени патните исправи и како гаранција дека немада се даде во бегство имал дадено и имот.
Неговата одбрана, во неколку наврати бараше укинување на мерката притвор, ама судот ги одбиваше жалбите, во кои како аргумент се посочуваше и лошата здравствена состојба на бизнисменот.
Пред новогодишните празници, Камчев беше примен на лекување приватната болница „Аџибадем Систина“. Ден претходно од притвор излезе поранешниот директор на некогашната УБК, Сашо Мијалков.