Апелација, како што се вели во соопштението, пресудата према обвинетите ја има преиначено во делот на кривичната санкција

Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и донесе пресуда со која им ги зголеми затворските казни на сите 13 осудени во случајот со велешката група за сексуална злоупотреба и изготвување порнографски материјал со дете-жртва. Со оваа одлука, првостепените казни на Основниот кривичен суд Скопје се преиначени.
Апелација, како што се вели во соопштението, пресудата према обвинетите ја има преиначено во делот на кривичната санкција.
Казната на првообвинетиот Стефан Димовски, огласен виновен за кривично дело трговија со дете од 5 години и 6 месеци, му се зголемува на казна затвор од 8 години и шест месеци.
Првостепената казна од 4 години и 6 месеци на обвинетите Дејан Спасиќ и Димитар Наков, огласени за виновни за кривично дело трговија со дете, им се зголемува на казна затвор од 6 години и 6 месеци, односно 8 години и 6 месеци.
Од Апелација велат дека првостепените казни од четири години затвор на обвинетиот Тино Илиевски, огласен виновен за кривично дело трговија со дете, му се зголемува на казна затвор од 7 години и 6 месеци, додека на обвинетиот Савен Неделковски, на шест години затвор.
Првостепените казни затвор од 1 година и 6 месеци на обвинетите за полов напад и силување Александар Филиповски, Бојан Филиповски, Антонио Зографски, Трајче Лазов и Ристо Вељанов, им се зголемуваат на казна затвор од три години.
Во соопштението се додава дека казната на обвинетиот Кристијан Тончов од 1 година и 3 месеци, за полов напад и силување, му се зголемува на казна затвор од 3 години.
Првостепената условна осуда од две години затвор на обвинетиот Борче Коцев, огласен виновен за кривично дело прикажување на порнографски материјал на дет, му се заменува со казна затвор од 1 година.
Основниот кривичен суд Скопје во ноември 2024 година ја објави пресудата за предметот против 13 лица обвинети за кривични дела трговија со малолетно дете, силување и прикажување порнографски материјали на малолетник, познат во јавноста како „велешката група“, обвинети за сексуална злоупотреба и изготвување порнографски материјал со дете-жртва.
Судот соопшти дека сите 13 обвинети се виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и на сите им се изречени затворски казни, „имајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности“.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција случајот го објави во јануари 2024, во кој првоосомничениот, 25-годишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закани над детето-жртва, им овозможил на останатите осомничени и на други непознати лица да вршат полови дејствија со жртвата. Овие дејствија вклучувале сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.
Според обвинителството, првоосомничениот преку апликацијата Инстаграм остварил комуникација со тогаш четиринаесетгодишното девојче и ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал, кој потоа го користел како закана за да ја присили жртвата да доаѓа на други средби.
Забавите се случувале во станови на повеќе локации во Велес, каде присуствувале повеќемина кои прво консумирале дрога и алкохол, а потоа вршеле полови дејствија врз детето.
Обвинение беше поднесено против 15 лица, од кои двајца се спогодија со Обвинителството и добија условни казни. Случајот беше затворен за јавноста.
