„Никој не ме повикал нигде“, пишува претседателот на Левица и иден пратеник во новиот парламентарен состав, Димитар Апасиев, за веста дека е повикан во обвинителството за неговите статуси.
„Ја у политика сум нов, али у право сум ПРОФЕСОР. Немој мене со овие куршуми. Никој не ме повикал нигде. Ако ме повика, ќе идам со задоволство и пак ќе ги победиме“,
напиша Апасиев споделувајќи ја веста.

Во својот статус на Фејсбук, Апасиев ја посочи веста што ја објави „360 степени“. Не навлегувајќи во содржината на текстот што го напишал, а во кој не се воздржа да упати навреди, должни сме да известиме дека информацијата е само пренесена од соопштението кое до сите медиуми денеска го проследи Основното јавно обвинителство-Скопје. Соопштението е објавено и на официјалната веб-страница на обвинителството.

Од него може да се види дека предметот е отворен за повеќе статуси. За една објава, известување испратиле од МВР, а за други статуси на Апасиев на социјалните мрежи биле поднесени две кривични пријави, од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од две физички лица.