Денешната дебата за францускиот предлог во Собранието финишираше со навреди и лични дисквалификации меѓу Димитар Апасиев од Левица и Дарко Каевски од СДСМ.
Каевски го нарече Апасиев „патриот на батерии“ и „рубља-фраер“ кој станал нервозен и сака да се тепа.
„Димитар Апасиев – патриот на батерии. Рубља-фраер кој стана нервозен, па и сака да се тепа. Нервозен е зошто рубљите што ги добива не ја испонија улогата за која постојат. Нервозен е зашто не го исполни очекуваното сценарио. Сценарио што требаше да ја дестабилизира државата, да создаде анархија, хаос и уназадување, сценарио кое требаше да ги наруши меѓучовечките односи и тука во Собранието и надвор од него. Сценарио кое требаше да иницира меѓуетнички тензии и за сето тоа партнер кој друг ако не Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Деновиве гледаме натпревар кој ќе направи поголема штета на државата“,
рече Каевски.
На ова му одговори Апасиев нарекувајќи го „Дарче-милијардерче“.
„Почитиван Дарче-милијардерче, кој на 20 години си стекнал милиони, да го цитирам мојот сограѓанин Рацин – драпај си меот ти е муабетов. Читаш реплика напишана од центар за комуникации како типично соросписко платениче и цијашко побугарчено конте. Не знам на тие Фридрих Еберт Штифтунзи и обуки што ви прават, ама наместо брејн сторминг, брејн вошинг ви прават. Она што твојата партија го прави ќе ја донесе да паднете под 180 илјади гласа“,
рече Апасиев.