Она за што се залагавме, тоа ни успеа, го пасокизиравме СДСМ, ја кутнавме црвената буржоазија, што беше наш детски сон уште од транзицијата, на под 20 пратеника – порача лидерот на Левица, Димитар Апасиев
Левица ќе продолжи петпати појако отсега зашто секој наш пратеник вреди колку 10 нивни, да знаат дека ги чека пекол во Собрание со нашите борбени пратеници – порача лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на прес-конференција, објавувајќи дека неговата партија ќе има сигурни шест пратеника во идниот парламентарен состав.

„Во ‘единицата’ имаме двајца пратеници, Апасиев и Хактан, во ‘двојката’ имаме еден фиксен, нашиот портпарол Амар Мециновиќ, во ‘тројка’ имаме еден фиксен и се бориме за втор за ситно, многу ситно, 200-300 гласа се во прашање да влезе покрај Борислав Крмов и Александар Симонов. Во ‘четворка’ влегува Сашко Јанчев фиксно и во ‘петка’ Јована Мојсоска, првата жена пратеник на Левица“,
изјави Апасиев на вечерашната прес-конференција.
Втората значајна победа на Левица, како што изјави Апасиев, е преполовување на гласовите на Движењето ЗНАМ во однос на првиот круг од претседателските избори. Оцени оти изборниот систем повторно „ги краде“ зашто, како што рече, во некои изборни единици, Левица води за четири илјади гласа пред ЗНАМ, а има ист број пратеници.
„Да прославиме пасокизација на СДСМ, факторизација на Левица. Прва пратеничка група на Левица, прва жена пратеник на Левица. Она за што се залагавме, тоа ни успеа, го пасокизиравме СДСМ, ја кутнавме црвената буржоазија, што беше наш детски сон уште од транзицијата, на под 20 пратеника. Левица ќе продолжи за петпати појако отсега зашто секој наш пратеник вреди колку 10 нивни. Да знаат дека ги чека пекол во Собрание со нашите борбени пратеници“,
изјави Апасиев.
Според 92,50 отсто од обработените избирачи, Левица освоила 62 994 гласа, односно шест пратенички мандати.