Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, денеска се закани со инциденти во Собранието ако се одржи седницата на Комисијата за политички систем на која требаше да се разгледаат измените на Законот за лична карта, во второ читање. Причината е што претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги одбил амандманите на партијата, инаку над 1 500, со изговор дека се неуредни
По две одложувања, седницата на Комисијата е презакажана за понеделник до кога треба да се расчисти прашањето – смее ли Џафери на тој начин да враќа амандмани?
Во моментов во Собранието требаше да тече или, можеби, и да биде завршена седницата на Комисијата за политички систем и односи со заедниците. На дневен ред пратениците имаа само една точка – второ читање на измените на Законот за лична карта. Седницата на работното тело требаше да почне во 10 часот, во салата “Борис Трајковски”, па беше презакажана за 14 часот во салата број 6, каде не е можно присуство на новинари.
Околу еден час пред закажаниот термин, на пленарна седница, пратеникот Димитар Апасиев најави инциденти ако се одржи седницата на Комисијата. Причината за таквиот чекор, објасни од говорницата, е што собранискиот спикер, Талат Џафери, ги одбил амандманите на неговата партија за измените на Законот за лична карта како неуредни. Според Апасиев, Џафери воопшто нема таква надлежност.
„Она што е повеќе битно е за инцидентот кој го направивте денеска и допрва ќе има инциденти, еве ви најавувам, за да не речете дека не знаете, а тоа е фрлањето во корпа на амандманите на Левица. Имено, согласно членот 150, амандманите кои ги предлагаат пратениците, патем речено тоа е уставно мое право, ги доставуваме до архива. Она што вие го правите како узурпација…
Т.Џ: Не е на дневен ред тоа, процедурално…
Не, не. Јас кажувам процедурално прекршување на член 150…
Т.Џ.: Тоа нема врска со оваа седница…
Во членот 152, кој вели дека претседателот на Собранието веднаш ги доставува амандманите до пратениците и до работното тело. Она што вие го имате направено е – службеничката-архиварка да ве праша дали да ги прими. Тоа е спротивно на закон, на секој постоечки закон, ако сакате и на Законот за општа управна постапка којшто ги обврзува, значи, граѓанин тоалетна хартија да донесе со назив Барање, таа е должна да ја прими, а не да ве праша Вас дали да го прими.
Т.Џ.: Апасиев тоа нема врска со оваа седница…
Има врска со работењето на Собранието и бидејќи вие како претседател сте одговорен за Деловникот, јас Ви укажувам. Во 14 часот е закажана Комисија за политички ситем. Имаме поднесено 1 500 или 1 800 амандмани. Сме ги поднесувале грижливо, точно согласно Деловникот. Известени сме дека не се проследени. Се обидете ли да направите шверцерат, Ви кажувам – пратете обезбедување таму, бидејќи ќе ја правиме големата магија ептен денеска. Значи, во два часот пратете обезбедување, бидејќи комисија нема да има, еве ви кажувам. Чим барате бал, ќе добиете маскенбал. Ако барате војна… не може само за великоалбанскиот шовинизам да има право на амандмани во ова Собрание. Не може. Не може за Алијанса и за Алтернатива да имаат, Левица да нема право на амандмани.
Т.Џ.: Ви заврши времето. Благодарам”,
течеше расправата меѓу пратеникот Димитар Апасиев и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
По настапот на Апасиев, седницата на Комисијата за политички систем закажана за 14 часот не се одржа. Се презакажа за во 15:30 часот, повторно во салата број 6, каде новинарите, практично, немаат пристап. Така, од членови на Комисијата дознавме дека седницата е повторно одложена, но за понеделник, по редовната координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Настрана од високиот тон и тензијата во пленарната сала на Собранието, следните денови ќе бидат искористени за да се расчисти прашањето за одбивањето на амандманите, бидејќи станува збор за нешто што е важно за сите партии, дознава „360 степени“ од упатени извори.