Левица е задоволна од својот резулат на изборите. Велат дека освен од тоа, причина да прослават е и стартот на процесот на „пасокизација“ на СДСМ со што тие би станале доминантен фактор во левиот политички спектар. Во однос на можната соработка во вториот круг, и покрај принципиелниот став дека нема да коалицираат, тие за одредени општини би преговарале за поддршка на опозициските кандидати за градоначалници, но само ако иницијативата дојде од нив. Подготвени се и за реализација на сценариото за уривање на владата на Заев без одржување предвремени парламентарни избори
Левица ги оствари проектираните цели на локалните избори освојувајќи советнички места во триесетина општини, рече на завршната прес-конференција претседателот на партијата, Димитар Апасиев. Споредувајќи ги резултите од локалните избори пред четири години, кога Левица освои тројца советница, Апасиев посочи дека партијата може да слави затоа што има 15 пати подобар скор од тие избори и четирикратен раст во однос на ланските парламентарни избори.
„Влегуваме со повеќе советници во Скопје и во сите скопски општини. Ќе имаме свои советници во Битола, Велес, Богданци, Гевгелија, Делчево, Кавадарци, Куманово, Неготино а наши претставници ќе бидат членови и на Советите на Охрид, Прилеп, Свети Николе, Тетово, Штип, Кочани, Македонски Брод, Струга, Илинден и во Росоман. Што се однесува до нашите кандидати за градоначалници, тие секаде се трети и не влегуваат во вториот круг. Ние како партија и раководство ќе правиме анализи каде потфрливме, но општ е впечатокот дека левичарското движење има нагорна тенденција“,
рече Апасиев.
Освен добриот резултат, како причина за Левица да слави, Апасиев го посочи и како што рече „конечното започнување на процесот на пасокизација на СДСМ“, со што според него значи дека Левица полека но сигурно го зазема приматот во левиот спектар.
„Хибридниот режим на Заев е на завршеток и тоа е добро како политика на ниво на држава. Останува вториот круг и че видиме какви ќе бидат тенденциите, меѓутоа мислам дека опозициските тенденции се евидентни и дека е можно одржување на предвремени парламентарни избори после овие избори затоа што Заев е веќе дел од буништето од историјата“,
рече Апасиев.
Апасиев: Подготвени сме за преговори за поддршка на опозициските кандидати во вториот круг и за формирање ново парламентарно мнозинство
Прашан дали „Левица“ ќе ги повика своите гласачи да поддржат некој од кандидатите за градоначалници во вториот круг, Апасиев подвлече дека засега остануваат на принципиелниот став дека нема да коалицираат со никого, но од општина во општина се можни преговори со опозициски партии.
„Тоа значи дека ќе почекаме да не викнат на преговори. Не исклучуваме преговори, но формални коалиции не верувам дека ќе има. Сепак, партиското раководство, Президиумот е тој што ќе ја донесе одлуката. Во меѓувреме ќе свикаме седница на Централниот комитет на која ќе треба да ги испегламе сите овие прашања и ќе го определиме курсот на нашето натамошно делување. Но, евидентно е опозициското настроение на народот и мислам дека тој курс ќе го држиме“,
подвлече Апасиев.
Во однос на можноста за предвремените избори и начинот на кој ќе настапи „Левица“, Апасиве нагласи дека нивен принципиелен став е да не прават предизборни, туку постизборни коалиции.
„Сепак, има најави за една друга опција а тоа е ново парлемантарно мнозинство без избори и таа опција е во игра. Ќе видиме, сите опции се отворени. После овој дебакл мислам дека нештата нема да бидат такви какви што беа досега“,
истакна претседателот на Левица, Димитар Апасиев.