Како што објави Ен-би-си, повикувајќи се на свои извори, истрагата била почната пред оставката на Кент, и се однесувала на протекување доверливи информации. Од ФБИ не дале никаков коментар за тоа дали таква истрага постои или не

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) води истрага против Џо Кент, поранешниот директор на американскиот Национален центар за борба против тероризмот, кој пред два дена си даде оставка поради несогласување со воената операција на САД и на Израел врз Иран, соопштија повеќе светски медиуми.
Како што објави Ен-би-си, повикувајќи се на свои извори, истрагата била почната пред оставката на Кент, и се однесувала на протекување доверливи информации. Од ФБИ не дале никаков коментар за тоа дали таква истрага постои или не.
Џо Кент се сметаше за цврст сојузник на претседателот на САД, Доналд Трамп. Минатата година, по предлог на директорката на Националните разузнавачки служби, Тулси Габард, тој беше назначен за директор на центарот за борба против тероризмот. Но, на 17 март годинава тој изјави дека дава оставка од оваа функција бидејќи бил против воената интервенција врз Иран, која почна на 28 февруари. Тој е првиот висок функционер што се повлекол поради иранската криза.
Во интервју кај познатиот американски водител Такер Карлсон, Кент рече дека немало докази оти Иран бил блиску до изработка на нуклеарно оружје или дека имало директна опасност од ирански напади врз САД. Според него, не постоеле разузнавачки информации што сугерирале дека набргу Иран може да изврши напад врз цели во САД или врз нивни воени бази, сличен на нападите од Перл Харбор во Втората светска војна или на терористичкиот удар врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001.
Според Кент, гласовите во администрацијата на Трамп што биле против оваа војна биле исклучени од донесувањето одлуки. Во интервјуто тој не го критикуваше Трамп директно, но ја опиша Белата куќа како место во кое претседателот е опкружен со тесен круг советници, исклучувајќи ги функционерите што имале различно мислење и за разузнавачките наоди и за стратешката логика на нападите, пренесува „Гардијан“.
„Добар дел од тие функционери не добија можност да му го пренесат своето мислење на претседателот. Немаше широка дебата“,
рече тој.
Кент смета дека нападот бил извршен под силно израелско влијание, односно дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и други високи функционери на израелската држава лобирале кај претседателот, пренесувајќи му тврдења што не се поклопувале со разузнавачките информации.
„Израелците ја поттикнаа одлуката да се почне со оваа операција“,
рече Кент.
