Од СДСМ велат дека пријавата ја поднесуваат за ДКСК темелно да ги испита донациите на Томовски кон ВМРО-ДПМНЕ, кои во неколку наврати надминуваат сума од 800 000 денари

Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска поднесе официјална пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), барајќи темелна истрага за случајот „Сити аутсорсинг“ и финансиските донации на актуелниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, кон ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ посочува дека фирмата „Сити аутсорсинг“ добила 161 тендер во вкупна вредност од девет милиони евра, од кои речиси половина милион евра се заработени само оваа година. Партијата тврди дека Томовски има семејни врски со оваа фирма.
„ДКСК минатата недела отвори предмет за овој случај, но нема да дозволиме тоа да биде само уште еден случај во кој се ’перат’ функционерите на ДПМНЕ“,
рече Петар Огњеновиќ од СДСМ во изјава дадена пред зградата на ДКСК.
Тој рече дека пријавата ја поднесуваат за ДКСК темелно да ги испита донациите на Томовски кон ВМРО-ДПМНЕ, кои во неколку наврати надминуваат сума од 800 000 денари.
Огњеновиќ рече дека ДКСК треба да го испита потеклото на парите кои Томовски ги донирал и дали тие се поврзани со фирмата „Сити аутсорсинг“.
„И веќе кога Томовски се оградува и негира поврзаност со каква било фирма и приватен бизнис, од каде тогаш е потеклото на парите кои ги донира Томовски? Од каде има некој 800 000 денари да ги донира, од плата?“,
праша Огњеновиќ.
СДСМ ја повика ДКСК да даде одговор на овие прашања, истакнувајќи дека граѓаните се заситени од празна реторика и предмети кои служат за „перење“ на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ од одговорност.
Откако СДСМ пред неколку дена го отвори случајот, Томовски најави дека ќе им поднесе тужба ако партијата не се извини за обвинувањата.
Според него, обвинувањата на опозицијата се лага и додава дека ниту тој, ниту неговиот татко немаат никаква поврзаност со оваа фирма од 2022 година наваму.
Ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Јавното обвинителство да покренат случај и што побрзо да го решат затоа што само така, како што додаде, може да ја докаже својата невиност.
