Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска ја повика ДКСК да отвори предмет за лиценците
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет во врска со набавка на лиценци од страна на Владата, на што неколку дена упатува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Предметот е отворен по анонимна пријава, информираат од Антикорупциска.
„Во врска со јавно упатениот повик на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, ДКСК да отвори предмет во врска со набавка на лиценци од страна на Владата на Република Северна Македонија, со наведување дека ‘како е можно 40 милиони евра да се даваат за лиценци на фирма каде што доминира колега на премиерот’, Државната комисија за спречување на корупцијата ја информира јавноста дека во ДКСК е оформен предмет по доставена анонимна пријава во која се наведува ‘генералниот секретаријат потпишал договор сo ‘Мајкрософт’ за лиценци и сервиси во вредност од околу 26 милиони евра’. Предметот, согласно Деловникот за работа на ДКСК, е распределен за работа и постапувањето по него е во тек“,
информираат од ДКСК.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денеска ја повика ДКСК да отвори предмет за лиценците.
„Веќе 10 дена чекаме ДКСК да пројават интересирање како е можно 40 милиони евра да се даваат за лиценци на фирма каде што доминира колега на премиерот, па ДКСК да одговори дали тоа не е основа за сомнеж за корупција? Очекуваме ДКСК да се произнесе и за првиот и за вториот тендер за оваа фирма, односно зошто е направен тендер на 15 милиони евра, со намалени услови пред три години? И веднаш потоа, по неполни 3 години, за истите услуги, 25 милиони евра, односно 10 милиони евра повеќе?“,
рече Стоилковски.
