„Сепак, бидејќи постојат одредени околности што укажуваат на постоење релации на директорот на СОЗР со актуелниот управител на друштвото, потребно е да испитаме дали евентуално постојат некакви финансиски трансакции меѓу друштвото и службеното лице, кои во рамки на оваа постапка на судир на интереси не можевме да ги утврдиме“, вели Софија Спасовска-Медарска, членка на ДКСК
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не утврди судир на интереси кај директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски ,со фирмата „Сити аутсорсинг“, за која од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) тврдеше дека е на неговиот татко и дека добила 161 тендер од различни државни институции во вкупна вредност од 5,3 милиони евра, пренесува Телма.

Постапката што ја водеше Антикорупциска е запрена, но ќе се проверува вистинитоста на изјавата за имотната состојба на Томовски.
На денешната седница на ДКСК, антикорупционерите посочија дека од проверките во Централниот регистар е утврдено дека таткото на Томовски од 2021 година се повлекол од сопственичката структура на компанијата, а од лани таа добила нов сопственик.
Софија Спасовска-Медарска, членка на ДКСК, вели дека е факт дека во минатото постоела поврзаност на членови на семејството на директорот на СОЗР со тоа трговско друштво, но во моментов таква поврзаност нема.
„Значи, нема ниту сопственичка, ниту управувачка поврзаност на службеното лице, ниту на членови на неговото семејство со трговското друштво. Од податоците од електронскиот систем за јавни набавки е видно дека не се наведени податоци за договори склучени меѓу наведеното трговско друштво и институцијата со која раководи службеното лице“,
рече таа.
За тврдењата дека новиот сопственик е близок со Томовски, според антикорупционерите, не може да се проверува бидејќи во Законот за спречување на корупција и судир на интереси, пријателските односи не се сметаат за блиски лица.
Сепак, како што велат од ДКСК, преку проверка на имотната состојба на Томовски ќе се испитува нивна поврзаност.
„Сепак, бидејќи постојат одредени околности што укажуваат на постоење релации на директорот на СОЗР со актуелниот управител на друштвото, потребно е да испитаме дали евентуално постојат некакви финансиски трансакции меѓу друштвото и службеното лице, кои во рамки на оваа постапка на судир на интереси не можевме да ги утврдиме“,
вели Спасовска-Медарска.
Случајот во декември минатата година го отвори опозицискиот СДСМ кој тврдеше дека фирмата „Ситу аутсорсинг“ е поврзана со семејството на Томовски и добила 161 тендер од државни институции вредни 5,3 милиони евра.
Томовски ги отфрли обвинувањата и рече дека никој од неговото потесно семејство нема сопствеништво во фирмата што е посочена од партијата.
Ги повика ДКСК и Јавното обвинителство да покренат случај и што побрзо да го решат, затоа што само така, како што додаде, може да ја докаже својата невиност.
Истовремено, најави и тужба против СДСМ за изнесените обвинувања против него.
ДКСК на денешната седница поведе постапки против 234 општински советници кои не поднеле изјави за имотната состојба, по што ќе добијат прекршочен платен налог.
