Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени
Поради сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) најави дека до Јавното обвинителство ќе достави иницијатива за кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, и членовите на Централната комисија на АМС.
Антикорупциска ќе достави и иницијатива до Владата за утврдување одговорност кај нив, а до Управата за јавни приходи (УЈП) ќе иницира да изврши надзор на сите спортски објекти од аспект на користење на средствата што им се доделени по пат на ваучер-системот во периодот од 2020, 2021 и 2022 година.
„Според анализите на ДКСК, годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, кои се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства. ДКСК, исто така, смета дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС“,
велат од Антикорупциска.
Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
„Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“,
изјави членот на ДКСК, Владимир Георгиев.
Првата антикорупционерка Билјана Ивановска вели дека ДКСК не е против доделување средства на клубовите, туку нивно доделување според праведен систем и без фаворизирање.
ДКСК, исто така, изразува загриженост за тоа што, според законските измени од јануари минатата година, членовите на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт се именуваат по предлог на Владата, без утврдени критериуми за нивниот избор.