Падот на поддршката главно се должи на незадоволството од имиграциската политика на администрацијата на Трамп. Анкетата покажува дека 39 проценти од испитаниците ја одобруваат таа политика, додека 53 проценти не ја одобруваат
По настаните во Минеаполис, рејтингот на американскиот претседател Доналд Трамп падна на рекордно ниско ниво од неговото враќање во Белата куќа, покажува најновата анкета на Ројтерс и Ипсос.

Според истражувањето, стапката на одобрување на Трамп меѓу Американците изнесува 38 проценти, што е најниско ниво од јануари 2025 година, кога повторно ја презеде функцијата. Во средината на јануари неговиот рејтинг беше 41 процент.
Падот на поддршката главно се должи на незадоволството од имиграциската политика на администрацијата на Трамп. Анкетата покажува дека 39 проценти од испитаниците ја одобруваат таа политика, додека 53 проценти не ја одобруваат.
Претходно овој месец, односот беше 41 наспроти 50 проценти. Околу 58 проценти од анкетираните сметаат дека агентите на Американската служба за имиграција и царина (ИЦЕ) отишле предалеку во заострувањето на мерките, 12 проценти оценуваат дека тие не биле доволно строги, а 26 проценти ги нарекуваат „прилично соодветни“.
На почетокот на јануари, за време на акција на ИЦЕ во Минеаполис, агент на службата ја застрела и уби 37-годишна американска државјанка Рене Никол Гуд, што предизвика масовни протести против дејствувањето на федералните власти. Претставници на администрацијата на Трамп тврдеа дека агентот дејствувал во самоодбрана бидејќи таа наводно сакала да го прегази, но градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, ја нарече таа верзија целосна глупост и јавно побара ИЦЕ да го напушти градот.
На 24 јануари агенти на ИЦЕ во Минеаполис застрелаа и убија уште еден 37-годишен маж, медицински работник по име Алекс Џефри Прети. Министерството за внатрешна безбедност на САД соопшти дека се сомнева оти тој бил вооружен, но видеоснимки покажуваат дека Прети во раката држел мобилен телефон, а не пиштол. На снимките се гледа како тој им се приближува на агентите, кои потоа го соборуваат наземи и пукаат во него десетина пати.
Видеоснимките од моментите пред смртта на Прети, според медиумите, ја доведуваат во прашање официјалната федерална верзија дека тој им се заканувал на агентите со пиштол бидејќи се гледа дека оружјето било земено пред да се отвори оган. Локалната полиција, пак, соопшти дека Прети легално го поседувал оружјето.
Трамп првично реагираше остро, нарекувајќи го Прети убиец и објавувајќи фотографија од неговиот лиценциран пиштол. Подоцна, во изјава за „Волстрит журнал“, тонот му беше поумерен и наведе дека не му се допаѓаат никакви престрелки.
И портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, на прес-конференција ја нарече смртта на Прети „трагедија“, со што се оддалечи од претходните изјави на советникот на Трамп, Стивен Милер, кој го опиша Прети како „потенцијален убиец“, пренесува „Гардијан“.
По второто убиство за еден месец, администрацијата на Трамп и самиот претседател ја променија реториката за дејствувањето на ИЦЕ, објави „Волстрит журнал“. Трамп го испрати Том Хоман, функционерот задолжен за граничната безбедност и депортации, во Минесота. Хоман се заложи за „понасочен пристап“, насочен кон имигранти со криминално досие или со конечни налози за депортација. Во меѓувреме, командантот на граничната патрола, Грегори Бовино, кој важеше за поддржувач на построг пристап, ја напушти сојузната држава.
Растечкото незадоволство се чувствува и во Вашингтон, каде што сè повеќе републиканци бараат подлабока истрага за тактиките на федералните имиграциски власти во Минесота, што укажува на можност за двопартиска проверка на верзијата на администрацијата.
Демократите, пак, најавија дека ќе се обидат да го блокираат понатамошното финансирање на Министерството за внатрешна безбедност, освен ако во најавениот законски предлог не бидат вклучени реформи за ограничување на овластувањата на федералните агенти при депортацијата на мигранти, пишува „Гардијан“.
