Неколку часа по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во која животот го загубија најмалку 59 лица, „360 степени“ разговараше со жители на Кочани
Многумина од нив, видно вознемирени, пред нашиот објектив велат дека не постојат зборови со кои може да се опише оваа трагедија и бараат одговорност.
Жителите на Кочани меѓусебно разменуваат мислења и информации дали има некој што тие го познаваат помеѓу загинатите и повредените и се обидуваат да дојдат до поконкретни информации во однос на тоа како се случил пожарот.

Еден помлад граѓанин изјави дека неговата сестра била меѓу присутните во дискотеката „Пулс“ и оти таа излегла меѓу првите и затоа е во добра здравствена состојба. Според нејзиното сведочење, по избувнување на пожарот, паднал покривот на објектот, а пукнале и стаклата. Присутните во обид да се спасат излегувале од единствениот влез, терасата, но и од прозорците.
На прашањето дали очекуваат брзо расчистување на случајот, велат дека очекуваат брза реакција на надлежните, но оти таа сега е задоцнета и оти требало да се превенира оваа штета.