Независниот сенатор од Вермонт, Берни Сандерс, води во трката за номинација претседателски кандидат од Демократската партија, а веднаш зад него е поранешниот потпретседател Џо Бајден, се дознава од најновата анкета на Си-ен-ен.
Во резултатите објавени вчера, 27 проценти од гласачите демократи и демократски настроените независни гласачи изјавиле дека ќе гласаат за Сандерс, додека за Бајден изјавиле дека ќе гласаат 24 проценти.
Популарноста меѓу двајцата е речиси изедначена, со предвидената маргина на грешка од три проценти.
Поддршката за Сандерс е подобра за седум отсто споредбено со минатиот месец, и неговиот рејтинг постепено се зголемува уште од август 2019 година, се дознава од анкетата. Рејтингот на Бајден, пак, се намали од 29 отсто лани во август, на сегашните 24 проценти.
Рејтингот на останатите двајца претенденти за претседателски кандидат, сенаторката Елизабет Ворен и поранешниот градоначалник на Саут Бенд, Пит Бутиџич, е повеќе од десет процентни поени понизок од Сандерс и Бајден. Според анкетата, Ворен е на трето место со 14 отсто, со два отсто намалување, додека на Бутиџич е 11 проценти, подобрување за три отсто споредбено со минатиот месец.
Според анкетата, сите останати претенденти имаат едноцифрен рејтинг. Поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, има популарност од пет отсто, а по него се сенаторката Ејми Клобучер и Ендрју Јанг (по четири отсто), бизнисменот Том Стејер е со рејтинг од два отсто.