Кај гласачите на владејачката коалиција значително е повисок процентот на оние што се уверени во фер изборен процес, во споредба со опозициските поддржувачи
Мнозинството од граѓаните веруваат дека претстојните парламентарни избори ќе бидат демократски. Сепак, разликата меѓу оние што веруваат и оние што не веруваат целосно во тоа е само пет процентни поени, според последната анкета на Националниот демократски институт (НДИ).
Поточно, 46 отсто од испитаниците се уверени дека изборите на 15 јули ќе бидат фер и демократски, наспроти 41 отсто што не се убедени во тоа.


Од 504 испитаници кои не се уверени во фер избори, најмногу – 29 отсто стравуваат од притисоци, манипулации и фалсификување. Многу пониски се процентите на оние кои како причина за недовербата ги навеле сомневањата за мала излезеност, меѓународно влијание, непрочистен Избирачки список…

Мошне висок – 72 е процентот на испитаници кои тврдат дека во последните три години не биле изложени на притисок в врска со гласањето ниту, пак, познаваат некого кој бил под таков притисок. Од друга страна, само три проценти рекле дека лично биле изложени на притисок во врска со гласањето.

Инаку, во последните три години, имаше три циклуси на гласање – локалните избори во 2017, референдумот за името во 2018 година и ланските претседателски избори.
НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12 до 21 јуни, на национален репрезентативен примерок од 1 213 испитаници. Анкетата е со маргина на грешка од +/- 2,8 проценти и 95 проценти стапка на доверба.