Во анкетата се посочува дека поголемиот број граѓани, 38 отсто, немаат доверба во владеењето на правото, наспроти шест проценти кои рекле дека целосно се согласуваат со тоа дека владеењето на правото постои кај нас. Според резултатите од анкетата на прашањето кое се однесува на довербата на граѓаните во судовите и судството, како и во јавното обвинителство, довербата ја уживаат на само еден отсто од македонските граѓани. За еден отсто повисока доверба македонските граѓани покажале дека имаат кон парламентот и политичките партии
Мнозинство од граѓаните на С Македонија сметаат дека државата се движи во погрешна насока, но поддршката за членство во Европската Унија (ЕУ) и понатаму останува висока.
Ова го покажуваат резултатите од новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија.
На прашањето за насоката на движење на земјата, само 14 отсто од македонските граѓани одговориле дека таа се движи во добра насока, додека 56 отсто го мислат спротивното, односно не се задоволни од насоката каде се движи земјата. Дваесет и девет отсто од испитаниците биле неутрални.

Седумдесет и девет отсто од граѓаните сакаат земјава да влезе во Европската Унија, 17 отсто од нив се против, а четири проценти рекле дека не знаат или одбиле да дадат одговор. Позитивниот одговор на граѓаните претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена минатиот октомври.
„Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина. Граѓаните на Северна Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ како клучна за мир и напредок“,
вели Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

Од анкетираните граѓани, 22 отсто сметаат дека Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ за 1 до 5 години, а 27 проценти велат дека тоа ќе се случи за 6 до 10 години. На ова прашање најголем број граѓани, односно 28 проценти, рекле дека тоа ќе се случи за повеќе од 10 години. Анкетата покажува дека 17 отсто од македонските граѓани сметаат дека тоа нема да се случи никогаш.
Триесет и три отсто од македонските граѓани рекле дека целосно се противат Северна Македонија да ги води преговорите со ЕУ според рамката за преговори предложена од француското претседателство. На ова прашање 29 отсто од граѓаните рекле дека само донекаде даваат поддршка за ова, а 17 отсто донекаде се спротивставуваат. Најголем дел од анкетирани граѓани кои се противат Северна Македонија да ги води преговорите со ЕУ според рамката за преговори предложена од француското претседателство се на возраст над 56 години, додека 39 отсто од испитаниците кои се на возраст од 18 до 35 години се оние кои донекаде даваат поддршка.
За да продолжат преговорите за пристапување во ЕУ, Северна Македонија се согласи да ја вклучи бугарската заедница во нејзиниот устав. Дали го одобрувате или не го одобрувате ова? Ова е следното прашање со кое 44 отсто од испитаниците не се согласуваат. Целосна поддршка за ова даваат 10 отсто од испитаниците. И на ова прашање најголемиот процент на граѓани кои не се согласуваат се на возраст над 56 години.

Според резултатите од анкетата, најголеми поддржувачи на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ се Германија, Хрватска, Словенија, Франција, Австрија.
Најголеми противници за пристапувањето на земјава кон ЕУ, според испитаниците се Бугарија, Грција и Франција.
Ниска доверба во правосудството
Во анкетата, исто така, се посочува дека поголемиот број граѓани, 38 отсто, немаат доверба во владеењето на правото, наспроти шест проценти кои рекле дека целосно се согласуваат со тоа дека владеењето на правото постои кај нас.
Според резултатите од анкетата на прашањето кое се однесува на довербата на граѓаните во судовите и судството, како и во јавното обвинителство, довербата ја уживаат на само еден отсто од македонските граѓани. За еден отсто повисока доверба македонските граѓани покажале дека имаат кон парламентот и политичките партии.

„Нашата анкета покажува дека помал број граѓани имаат доверба во еднакво спроведување на законот“,
рече Мекарти и додава дека лидерите во Скопје мора да се осврнат на ова прашање доколку сакаат да влеат доверба во владата и во политичките институции на земјата.
Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од Брима, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР).
Податоците се собрани во периодот од 8 април до 4 мај 2023, преку интервјуа лице во лице во домовите на испитаниците, на национален репрезентативен примерок од 1 204 испитаници, на возраст од 18 и повеќе години.
Податоците се пондерирани според возраста, полот, регионот, населеното урбано или рурално место и етничката припадност. Маргината на грешка за целиот примерок не е над ± 2.8 поени со ниво на доверба од 95 отсто. Стапката на одговор е 74 отсто.
Анкета е извршена со поддршка од Националната фондација за демократија (НЕД).