Според оваа анкета, осум дена пред вториот круг од претседателксите избори во Франција, одѕивот на француските гласачи би бил 72 отсто. Од нив, 55,5 отсто би гласале за Емануел Макрон, а 44,5 отсто од гласачите својот глас би го дале за Марин Ле Пен
Актуелниот француски претседател Емануел Макрон би победил во вториот круг од претседателските избори против Марин Ле Пен, со резултат од 55,5 отсто наспроти 45,5 отсто, според најновиот барометар Ипсос Сопра/Стериа објавен денеска. Оваа разлика, сепак, е помала во однос на онаа од пред пет години, кога Макрон победи со 66,1 отсто од гласовите наспроти 33,9 отсто за Марин Ле Пен.
Според оваа анкета, осум дена пред вториот круг од претседателксите избори во Франција, одѕивот на француските гласачи би бил 72 отсто, ниво многу блиску до оној од првиот круг (73,7 отсто).
Меѓу Французите кои во првиот круг од претседателските избори гласаа за Жан-Лук Меланшон, 33 отсто имаат намера да гласаат за Емануел Макрон во вториот круг, 16 отсто за Марин Ле Пен, додека 51 процент не изразиле намера да гласаат.
Меѓу гласачите на Јаник Жадот, 59 отсто имаат намера да го изберат претседателот во заминување во вториот круг и 7 отсто Марин Ле Пен, додека 34 отсто не се изјасниле.
Исто така, 55 отсто од гласачите на Валери Пекрес ќе го изберат Емануел Макрон, 21 процент ја претпочитаат Марин Ле Пен. Од вкупниот број на гласачите на Валери Пекрес во првиот круг од изборите, 24 отсто не се изјасниле за кого ќе го дадат гласот во вториот круг.
Мнозинството од гласачите на Ерик Земур, или 76 отсто од нив, имаат намера да гласаат за Марин Ле Пен во вториот круг од изборите, а само 9 отсто би гласале за Емануел Макрон, додека 15 отсто не се изјаснуваат за кого би гласале.
Во меѓувреме, денеска во Франција се одржаа демонстрации чие мото беше: „Против екстремната десница и нејзините идеи, не Марин Ле Пен во Елисејската палата“, јави дописникот на МИА од Париз.
Во Париз и во регионот, неколку илјади луѓе дојдоа да и кажат „не“ на екстремната десница без да го поддржат Емануел Макрон, осум дена пред вториот круг од претседателските избори, кој се спротивставува на Марин Ле Пен.
Противничката на Макрон, Марин Ле Пен, која претходно утрото зборуваше пред новинарите смета дека одржувањето демонстрации против резултатите од изборите е антидемократско.
„Мислам дека на Французите им е непријатно да гледаат дека нивниот избор така се оспорува на улица, преку демонстрации“,
рече Ле Пен.