При презентацијата на анкетата, не беа објавени резултати од евентуално прашање за тоа како граѓаните би се определиле во вториот круг од претседателските избори кој е повеќе од извесен
Според симулацијата на пратенички мандати врз основа на резултатите од анкетата на ИПИС, најмногубројна пратеничка група по изборите би имала ВМРО-ДПМНЕ со 52 до 54 места во Собранието. СДСМ би освоила од 26 до 30 пратенички места, а од другите партии од македонскиот политички блок Левица и партијата За наша Македонија (ЗНАМ) на Максим Димитриевски може да се надеваат на пет до шест мандати
Во првиот круг од претседателските избори кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, би освоила најмногу гласови, а покрај неа во вториот круг би се пласирал и Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ. Ова го покажуваат резултатите од анкетата спроведена од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), чиј програмски директор е Владимир Божиновски.
Според податоците објавени во емисијата „Објектив“ на МРТ 1, на прашањето „За кого ќе гласате на претстојните претседателски избори“, 24,6 отсто од испитаниците се определиле за Гордана Силјановска-Давкова, што е раст од 4,4 процентни поени во однос на февруари, а за Стево Пендаровски 14,4 отсто, што е за околу три процентни поени повеќе во однос на претходното истражување.
Гласот за Бујар Османи рекле дека ќе го дадат 7 отсто од испитаниците, а 5,7 за Арбен Таравари. За Максим Димитриевски би гласале 4,4 отсто, за кандидатката поддржана од Левица, Билјана Ванковска, рекле дека би гласале 3,5 отсто од испитаниците, а најмалку – 0,7 отсто се изјасниле за Стевче Јакимовски.
Според податоците од анкетата, во март, во однос на февруари, има зголемување на поддршката кај сите кандидати.
При презентацијата не беа објавени резултати од евентуално прашање за тоа како граѓаните би се определиле во вториот круг од претседателските избори кој е повеќе од извесен и во кој, според анкетата, влегуваат Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски.
Речиси без промени кај партиските рејтинзи
Во однос на рејтинзите на политичките партии, според анкетата на ИПИС, и во март ВМРО-ДПМНЕ има предност пред СДСМ од околу 10 процентни поени.
На прашањето „За која партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори“, 22,7 отсто од испитаниците рекле дека тоа ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, 12,1 отсто за СДСМ, а и кај двете партии има благ раст во однос на февруари. На истото прашање за ДУИ рекле дека се 6,3 отсто од испитаниците, Европскиот сојуз за промени би добил гласови од 4,4 отсто од испитаниците, а гласот за Левица би го дале 3,7 отсто.
„Која партија сметате дека ќе победи на овие парламентарни избори“ е едно од прашањата на кои одговарале анкетираните.
Дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник одговориле 30,4 отсто, додека СДСМ – 9,8 отсто. Следуваат ДУИ за кои 6,3 отсто од испитаниците сметаат дека ќе бидат победници. На четврто место се Европскиот сојуз за промени со 4,2 отсто, а за Левица се изјасниле 3,3 отсто.
Испитаниците во анкетата биле прашани и „дали, според вас, на наредните избори треба да се промени актуелната власт или таа треба да остане“. 64,4 отсто од испитаниците рекле дека треба да се промени, 17,9 отсто одговориле дека таа треба да остане, а речиси исто толку – 17,7 отсто рекле дека немаат одговор.
ВМРО-ДПМНЕ би освоила 52-54, а СДСМ 26-30 пратенички мандати
Според симулацијата на пратенички мандати извршена врз основа на резултатите од анкетата на ИПИС, најбројна пратеничка група по изборите би имала ВМРО-ДПМНЕ со 52 до 54 пратеници. СДСМ би освоила од 26 до 30 пратенички места, а од другите партии од македонскиот политички блок, Левица и партијата За наша Македонија (ЗНАМ) на Максим Димитриевски би можело да се надеваат на пет до шест пратеници.
Кај политичките партии на Албанците, ситуацијата е следна – Демократската унија за интеграција (ДУИ), според анкетата на ИПИС, би освоила од 14 до 17 пратеници, коалицијата „Вреди“ (доскорашната „Европски сојуз за промени“) би имала од 9 до 12 пратенички мандати, а Алијанса за Албанците од 3 до места во парламентот.
Речиси половина од мандатите ВМРО-ДПМНЕ ги освојува во ИЕ 3 и 4
Според симулативниот приказ на бројот на мандати, ВМРО-ДПМНЕ би имала најголема предност по број на пратенички места во Изборните единици 3 и 4.
Во „тројката“, соодносот би бил 12 мандати за ВМРО-ДПМНЕ наспроти шест за СДСМ.
Симулацијата покажува слична распределба на мандатите за двете најголеми партии и во Изборната единица 4. ВМРО-ДПМНЕ таму би освоила 11-12 пратенички места, додека СДСМ од шест до седум мандати.
Во изборната единица 1, пак, која го опфаќа најголемиот дел од скопскиот регион, ВМРО-ДПМНЕ би освоила 9 пратенички места, а СДСМ 4-5.
Во втората изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ би имала осум, а СДСМ четири пратенички мандати.
И во „петката“, според анкетата на ИПИС, најмногу пратенички мандати – 9 би освоиле ВМРО-ДПМНЕ, наспроти пет до шест кои би биле за СДСМ.
ДУИ во предност пред опозицијата во шестата изборна единица
Во шестата изборна единица, каде што главната битка се води помеѓу политичките партии на Албанците, ДУИ би освоила седум до осум пратенички места во парламентот. Наспроти неа, од шест до седум мандати би освоиле четирите опозициски партии на Албанците обединети во коалицијата „Вреди“ (доскорашна „Европски сојуз за промени“). Алијанса за Албанците би добила два до три пратеници во оваа изборна единица.
Анкетата на ИПИС е спроведена телефонски кон крајот на февруари и почетокот на март на репрезентативен примерок од 6 069 испитаници.