На анкетата реагираа од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), од каде велат дека истражувањето, кое од партијата го ставаат во наводници, воопшто не преставува реално мерење на политичките расположенија, туку чист пропаганден потег на власта, што се должи на драматичниот пад на довербата на граѓаните во Владата
Институтот за политички истражувања (ИПИС) денеска објави анкета, односно истражување на јавното мислење за рејтингот на политичките партии и политичари, а која, според резултатите, покажува голема предност на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ и другите партии и актери на македонската политичка сцена.

Од политичарите, според анкетата, граѓаните најголема доверба имаат во лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, а висок процент од испитаниците се изјасниле дека немаат доверба во ниту еден.
Истражувањето, насловено „Перцепција на граѓаните за рејтинг на партии и политичари“, е спроведено преку телефонска анкета реализирана во периодот помеѓу 15 и 18 декември на репрезентативен примерок од 1 114 полнолетни испитаници на ниво на целата државата.
На прашањето – „за која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори“ 26 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ; 9,6 проценти даваат поддршка на опозицискиот СДСМ; 8,9 проценти за коалицијата предводена од ДУИ; 8,2 проценти за коалиција ВЛЕН; 5,9 проценти за Левица; 3,9 проценти за ЗНАМ, а 1,7 проценти за друга партија. За ниту една партија рекле дека нема да гласаат 13,1 процент, 11 проценти од испитаниците не сакале да се изјаснат, додека 11,7 проценти рекле дека не знаат или немаат одговор.
Според истражувањето, на прашањето – во кој политичар имате најголема доверба“, кај 27,3 проценти од испитаниците одговорот бил Христијан Мицкоски, додека 25,5 проценти дале одговор – ниеден, а 9,5 проценти кажале дека не знаат или немаат одговор. Девет проценти кажале дека имаат најголема доверба во лидерот на ДУИ Али Ахмети; 5,1 процент во претседателот на СДСМ, Венко Филипче; 5 проценти во лидерот на Левица Димитар Апасиев, а 3,8 проценти во лидерот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски.
Со 3,5 проценти следуваат Изет Меџити од ВЛЕН; 2,8 проценти има Билал Касами; 2,3 процент Африм Гаши; 2,1 процент претседателката Гордана Сиљановска Давкова; 1,3 проценти поранешниот претседател Стево Пендаровски, а 1,1 процент рекле дека најголема доверба имаат во поранешениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот премиер Никола Груевски.

Позитивно мислење за работатата на Владата, според анкетата имаат 26,1 процент од испитаниците; 26 проценти дале одговор – донекаде позитивно; 23,4 проценти – негативно, а 17,9 проценти – донекаде негативно.
Целосна поддршка за системот „Безбеден град“ односно поставување камери за мерење на брзина и други сообраќајни прекршоци има од мнозинството од испитаниците – 63,9 проценти; 12,6 проценти одговориле – донекаде да; 7,5 проценти – не воопшто; а 5,2 проценти – донекаде не.

Од Институтот за политички истражувања велат дека истражувањето е реализирано со користење на случаен примерок стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во државата. Во него биле запазени демографските специфики на населението – како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје е земено како посебна целина заради своите посебности.
Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС, велат од ИПИС.
На анкетата реагираа од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), од каде велат дека истражувањето, кое од партијата го ставаат во наводници, воопшто не преставува реално мерење на политичките расположенија, туку чист пропаганден потег на власта, што се должи на драматичниот пад на доверрбата на граѓаните во Владата.
„Сега, кога на сите им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува избори на пролет, а мигранти во јуни, тие веќе немаат ниту трошка поддршка од последните избори. По воведувањето на забраната на слободата на говор и објавувањето на вистината за криминалните тендери ДПМНЕ е во слободен пад“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Од опозициската партија, наведувајќи дека веројатно испитаниците во анкетата се „жители“ Белата палата, односно седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, посочуваат дека во анкетата требало да биде поставено, како што велат, едно вистинско прашање.
„Дали сте за тоа во Македонија да дојдат мигранти кои, поради свои криминални дела, се протерани од земјите на ЕУ?“(во заграда може да стои: ‘ќе добиеме пари – за тендери’). Па, со нетрпение чекаме ДПМНЕ да го објави и ова ‘истражување’“,
велат од СДСМ.

Дополнително, од партијата прашуваат и зошто ВМРО-ДПМНЕ прави накети на секои десет дена, и дали тоа можеби е показател за паника и страв затоа што се разоткриениили станува збор за стандарден дел од нивниот план, „по инструкции на српскиот претседарел Александар Вучиќ, во рамки на подготовките за пролетните избори.
„Можеби им се брза, па нема да чекаат како (Виктор) Орбан и Вучиќ до април. Можеби ќе мора и во март — пред вистината да стигне во секој дом во Македонија“,
наведуваат од СДСМ.
