Според истражувањето на јавното мислење на НДИ, граѓаните најмногу му веруваат на претседателот на државата, додека судството е на дното на листата
Од клучните институции на државата, граѓаните најмногу му веруваат на претседателот на државата, а најмала доверба има судството, според анкетата на американскиот Национален демократски институт (НДИ), што беше објавена вчера.
Анкетата покажува дека довербата во институциите, сепак, не е на највисоко ниво, односно кај сите доминираат процентите на недоверба. Кај шефот на државата односот „доверба – недоверба“ е 40 спрема 46 проценти, додека кај судството тој сооднос е 13 наспроти 68 отсто. Во анкетата спроведена во јуни, на второ место е техничката Влада со 25 отсто доверба наспроти 54 проценти недоверба, додека кај обвинителството, кое е рангирано малку подобро од судството, тој сооднос е 14 наспроти 64.

Иако шефот на државата има најголема доверба, и оваа институција бележи пат од пет процентни поени во периодот од февруари/март наспроти јуни годинава. Овој пат 30 отсто од испитаниците се изјасниле дека целосно или донекаде имаат доверба во претседателот, за разлика од 35 проценти пред околу 3,5 месеци. Намалување на степенот на доверба за три процентни поени се забележува и кај Антикорупциската комисија.

Кај судовите, пак, се забележува намалување на процентот на недоверба во изминатите повеќе од три месеци за два процентни поени. Од друга страна, кај шефот на државата има зголемување на довербата за шест процентни поени. За толку проценти е зголемена недовербата и во техничката влада

НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12 до 21 јуни, на национален репрезентативен примерок од 1 213 испитаници. Анкетата е со маргина на грешка од +/- 2,8 проценти и 95 проценти стапка на доверба.
