Најпосакувана вакцина е таа на „Фајзер“, додека најмалку претпочитана е „Астра Зенека“, покажуваат резултатите
Мнозинството од граѓаните не се задоволни и од мерките на Владата за здравството, образованието и економијата
Педесет проценти од граѓаните изјавиле дека би се вакцинирале, а 34 отсто одговориле дека не би се вакцинирале. 16 проценти кај, сè уште се двоумат.
Вакви се резултатите од анкетата која ја објави Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) во рамки на Програмата за парламентарна поддршка.

Најголем дел од граѓаните (39 проценти) ја преферираат вакцината на „Фајзер“, додека втора по ред е вакцината „Спутник В“ (21 отсто). Малку претпочитани се вакцините на „Синофарм“, за кои се одлучиле 6 отсто од граѓаните, потоа е „Модерна“ со 5 проценти, додека најмалку претпочитана вакцина е „Астра Зенека“, која ја претпочитаат само 3 отсто од граѓаните. 27 проценти од граѓаните, пак, не знаат или немаат одговор за тоа за која вакцина би се одлучиле.

Дел од анкетата се однесувале и на тоа дали граѓаните се задоволни со мерките кои Владата ги презема за да се справи со криза, на што мнозинството (53 проценти) смета дека власта не прави доволно за да ја адресира состојбата со здравството, економијата и образованието.

Овие прашања се поставени со цел, како што велат од Институтот за демократија, да ги информираат пратениците и креаторите на политиките за тоа што граѓаните мислат за вакцинација и дали се задоволни од мерките.
Прашањата биле дел од теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас цивилис“ ја спроведе во периодот од 17 февруари до 10 март 2021 година на примерок од 1 010 испитаници, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.