Англија воведува нова мерка во борбата против ширењето на коронавирусот. Од понеделник во оваа земја ќе бидат забранети собири на повеќе од шест лица.
Со измената и дополнувањето на законот ќе се забранат поголеми групни собири во затворени простории и на отворено. Сепак, забраната нема да се применува во училиштата, работните места, за свадби, погреби и организирани тимски спортови, кои се сметаат безбедни од коронавирусот, пренесува Би-би-си.
Владата смета дека новите ограничувања се потребни откако бројот на заразени лица во неделата достигна речиси 3 000 на дневно ниво.
Министерот за здравство Мет Хенкок се надева дека новите правила, заедно со акциите на локално ниво што се преземаат во многубројни градови и региони, ќе ја стабилизираат ситуацијата до Божиќ.
Лицата што ќе ги прекршат правилата се соочуваат со казна од 100 фунти за првиот прекршок, и може да бидат казнети со парична казна и до повеќе до 3 200 фунти.
Шкотска, Велс и Северна Ирска досега не воведоа никакви ограничувања.
Во Велика Британија со коронавирусот досега се заразени вкупно 352 560 лица, од кои 41 586 починале.