Додека ви се обраќам, нашите болници се под поголем притисок отколку кога почна пандемијата, рече Џонсон во синоќешното обраќање
Повторно воведување остри рестрикции на територијата на Англија, вклучително и забрана за движење, со цел да се спречи ширењето на новиот вид на коронавирусот, најави синоќа британскиот премиер Борис Џонсон.
Новите мерки ќе траат барем до средината на февруари, иако Велика Британија го забрза процесот на вакцинација, со што стана првата земја во светот што користи вакцина од „Астра Зенека“ и Универзитетот Оксфорд.
Џонсон рече дека граѓаните мора да останат дома, како што беше наредено во март минатата година, за време на првиот бран на пандемијата. Забраната за движење сега е воведена поради мутираната варијанта на вирусот што се шири многу побрзо од порано.
„Додека ви се обраќам вечерва, нашите болници се под поголем притисок од коронавирусот отколку кога почна пандемијата“,
рече Џонсон.

Според новите правила, кои ќе стапат во сила наскоро, училиштата и колеџите ќе бидат затворени за сите ученици и студенти, освен за децата на работниците кои треба да одат на работа. Студентите нема да се вратат на колеџ најмалку до средината на февруари.
Сите продавници што не продаваат неопходни стоки, како и услугите како што се фризерите, ќе бидат затворени, додека рестораните можат да подготвуваат храна само за испорака.
Според денешните податоци, во англиските болници има 26 626 заразени со вирусот, што е раст од 30 проценти во споредба со пред една недела и 40 отсто повеќе од рекордниот број хоспитализирани во пролетта.
