Над 100 илјади Англичани ја потпишаа онлајн петицијата за прогласување национален празник доколку Англија ја освои титулата на Евро 2020 што, според законот, значи дека парламентот во Лондон е обврзан да расправа за барањето на иницијаторите.
Со петицијата, која осамна на интернет денеска и досега ја потпишаа 110 илјади луѓе, се бара понеделник, 12 јули, да биде прогласен за национален празник во случај Англија, ден порано, за прв пат во својата историја да стане европски првак.
Натпреварот против Италија, в недела на „Вембли“ во Лондон за Англија ќе биде прво финале на завршните турнири по 1966 година, кога на истиот стадион ја освоија титулата светски првак.
Според британското законодавство, парламентот е обврзан да расправа за поднесени петиции со поддршка од најмалку 100 илјади граѓани.