Сообраќајната полиција почна со засилени акциски контроли и надвор од територијата на Скопје, па денеска активностите беа фокусирани на Гостивар.
Како што соопшти портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски, се санкционираат сообраќајни прекршоци од секаков вид.

„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци и сл.,а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата“,
рече Ангеловски на прес-конференција во Гостивар.
Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Гостивар да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
„Само за еден час во денешната акциска контрола во Гостивар изречени 60 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола и друго“,
соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови.
Целосните податоци од денешната засилена акциска контрола ќе бидат презентирани утре.
